Од „огнената група“ велат дека Статутот на партијата „се гази со две нозе“. Оттаму обвинуваат дека претседателите на ограноците ги одредува претседателот Али Ахмети со декрет
Внатрепартиските избори во ДУИ донесоа нови судири меѓу „огнената група“ и партијата. Откако градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, пријави во полиција дека добил закани по живот од Мухарем Хасани – кандидат за претседател на огранокот на ДУИ во Бутел и заменик-директор на Царината – веднаш реагираше лично Хасани, но и од партијата, од каде што кажаа дека обвинувањата на Ганиу се клевети и го повикуваа членството да не стане плен на провокации.
Ганиу по пријавата во полиција рече дека телефонски добил закани по живот од Хасани.
„Ми се претстави: ‘знаеш ли кој сум јас?’ Вели: ‘јас сум Мухарем’, кој Мухарем? ‘Мухарем Хасани’. Веднаш почна да ми се заканува: ‘тебе и Изет Меџити ќе ве најдат свиткани на улица’. Ми рече: ‘ќе видите од утре кој сум’“
тврди Ганиу.
Заменик-директорот на Царинската управа, Мухарем Хасани, на Фејсбук ги негираше обвинувањата на Ганиу велејќи дека се клевета.
„Разочаран, но не и очаен, во целост ги демантирам клеветите на Висар Ганиу за наводни закани од моја страна. Жалам за секој обид за валкање на демократските изборни процеси во ДУИ од страна на отуѓените од семејството што ги родило, ги одгледало и ги донело таму каде што се. Клеветите и оцрнувањето нека им служат на чест, ако им останало малку чест“,
напиша Хасани.
Од ДУИ велат дека внатрепартиските избори се одвивале на најдемократски можен начин и ги повикуваат членовите на партијата да не станат плен на вакви провокации.
„ДУИ е првиот албански субјект што го инсталира најдемократскиот принцип во партиските изборни процеси: еден член – еден глас. Ние го поставивме овој принцип, неговото спроведување се одвива на најдемократски можен начин, со позитивен и конкурентен натпревар. Клеветите со намера да фрлат сенка врз оваа нова политичка вредност во земјава се очајнички обиди сонцето да се покрие со сито. Ги повикуваме регистрираните членови на Демократската унија за интеграција да не станат плен на вакви провокации и да продолжат да работат за непречено одвивање на изборниот процес“,
велат од ДУИ.
Од „огнената група“ излегоа со реакција на ваквиот став на партијата.
„Ние како фракција во ДУИ сакаме да ја изразиме нашата длабока огорченост од реакцијата на одделот за информирање на ДУИ, кој овој сериозен, низок и опасен чин го категоризира како клевета. Сакаме уште еднаш да потсетиме, пред да биде доцна, токму со овој занемарлив, отфрлувачки, раздорувачки пристап. Што се однесува до демократијата и процесот на внатрешните избори, потенцираме дека Централната изборна комисија на ДУИ нема кворум да донесе каква било одлука бидејќи од 7 члена, 4 не учествуваат на состаноците на тој орган. Уште повеќе кога организацискиот секретар Блерим Беџети е игнориран во овој процес каде што тој треба да биде носител“,
се вели во соопштението на „Огнените“.
Од Огнената група додаваат дека принципот еден член – еден глас е нестатутарен, односно го гази Статутот на партијата „со две нозе“. Оттаму посочуваат дека претседателите на ограноците ги одредува претседателот Али Ахмети со декрет.
