Американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија во интервју за „360 степени“ рече дека не треба да му се верува на некој што вели дека има подобра понуда, а не ја кажува, ниту кажува зошто би ја прифатиле другите
„Подготвени сме веднаш по формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да седнеме со бугарската влада и како соседи да разговараме за реалноста и за фактите поврзани со реалноста“, се вели во ставот на ВМРО-ДПМНЕ
Аргументите на кои се темелат позициите на ВМРО-ДПМНЕ поврзани со уставните измени беа презентирани на пријателската средба што претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, и потпретседателите Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски ја имаа со американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан.
Ова е дел од ставот на ВМРО-ДПМНЕ во однос на изјавата на О’Брајан во интервјуто за „360 степени“. Американскиот помошник-државен секретар за Европа и Евроазија, О’Брајан, одговарајќи на прашањето што понатаму со оглед на тоа што е извесно дека овој парламент нема да ги усвои уставните измени, рече дека без да коментира дали работите би се случиле сега или подоцна, јасно е дека има понуда на маса и ако некој вели дека има подобра понуда, но не кажува за што точно станува збор, само се обидува да измами.
Во ставот од партијата, даден на барање на Телевизија 24, се повторува дека ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати бугарски диктат ниту сега ниту во иднина.
„Подготвени сме веднаш по формирањето на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ да седнеме со бугарската влада и како соседи да разговараме за реалноста и за фактите поврзани со реалноста. Што се однесува до прашањето за кого и како треба да гласаат македонските граѓани, одговорот е јасен, а уште појасен ќе биде за неколку месеци од денес кога ВМРО-ДПМНЕ ќе добие поддршка од огромно мнозинство македонски граѓани, бидејќи граѓаните не гласаат само за едно прашање за коешто ставот е јасен, туку гласаат за понудата кадровска и програмска“,
се додава во ставот од ВМРО-ДПМНЕ.
О’Брајан во синоќешното интервју, прво за македонски медиум откако во октомври ја презеде функцијата, рече дека е важно Северна Македонија и соседите да наоѓаат начини за да се движат напред.
„Има понуда на масата, треба да ја земете. Ако не ја земете, ѝ вртите грб на историјата, искрено. Тој пат може да изгледа задоволувачки, но тоа ќе ја чини вашата економија, ќе причини повеќе луѓе да сакаат да ја напуштат земјата и, генерално, ќе ја уназади земјата. Она што ми се допадна во земјата кога првпат дојдов пред речиси 30 години е колку сите беа нестрпливи да бидат дел од овој поголем проект наречен ЕУ. Ги охрабрувам сите политички лидери да ја земат оваа можност“,
рече О’Брајан.
На прашањето дали има шанса за интервенции во Преговарачката рамка на ЕУ или промени во глобалниот контекст, кога некој вели дека може да донесе подобра понуда, О’Брајан даде негативен одговор.
„Видите, има понуда на маса. И ако сакате да знаете за некого кој е и како ќе постапува кога ќе биде на власт, видете како ќе реагира на таа понуда. Ако тие велат, на многу јасен начин, еве ја алтернативата и верувам дека таа е прифатлива за другите, тогаш можете да процените дали се во право или не. Ако велат – имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е – тоа е личност од која не би купиле автомобил. Па, мислам и дека не би требало да гласате за нив, исто така. Но, тоа е избор кој го прават гласачите овде. Јас не гласам овде. Луѓето може да изберат што сакаат“,
додаде тој.
Вчера, од ВМРО-ДПМНЕ соопштија дека имале средба со помошник-државниот секретар на САД за Европа и Евроазија, Џејмс О’Брајан, на која Мицкоски посочил дека членството на земјава во Европската Унија е нејзин стратегиски интерес, но од интерес, исто така, е и заштита на националните и идентитетски обележја.