Денеска на седница на ЦК биле утврдени четириесетина кандидати со кои партијата планира да настапува на локалните избори на 17 октомври
ВМРО-ДПМНЕ утре ќе објави поширока листа на кандидати за градоначалници на општините во земјава, како што објави партискиот лидер Христијан Мицкоски, по денешната седница на Централниот комитет на опозициската партија.
Според наши информации, денеска на ЦК биле утврдени четириесетина кандидати со кои партијата планира да настапува на локалните избори на 17 октомври. Меѓу нив се спомнува и актерот Тони Михајловски, како кандидат за градоначалник на Куманово. За оваа најголема општина во државата СДСМ се уште нема утврдено кандидатура за градоначалник, односно неизвесно е дали актуелниот, Максим Димитриевски, ќе добие шанса да се натпреварува за уште еден мандат.
Во игра за нова кандидатура со поддршка од ВМРО-ДПМНЕ е и досегашниот градоначалник на Кавадарци, Митко Јанчев, и покрај несогласувањата што ги имаше во последните три години со актуелното раководство на опозициската партија, почнувајќи од референдумот за името и уставните измени, кога беше разрешен од потпретседател на партијата, па до внатрешните превирања по ланските парламентарни избори, кога поранешни функционери бараа оставка од Мицкоски. Сепак, кон средината на минатиот месец стигна веста за заедничко присуство на Мицкоси и Јанчев на партиски настан во Кавадарци, како сигнал дека можеби се намдинати несогласувањата.
Според Мицкоски, ВМРО-ДПМНЕ оди на овие избори со повеќе нови ликови и со, како што вели, нова енергија.
„ВМРО-ДПМНЕ на овие избори настапува со многу нови ликови, со нова енергија, нова визија за развој, решавање на што повеќе проблеми. Најдоброто допрва доаѓа. И на крај, овие избори се повеќе од само локални, овде се работи за одлука каква општина, каква иднина сакате и во каква земја сакате да растат вашите деца“,
напиша Мицкоски на Фејсбук.
Според најавите, во оваа фаза ВМРО-ДПМНЕ требаше да ги утврди и кандидатурите за градоначалници во скопските општини, а веројатно и за градот Скопје, за каде што имаше шпекулации дека кандидатка или противкандидатка на Петре Шилегов би била Данела Арсовска, претседателката на Сојузот на стопански комори. За општина Центар, пак, како кандидатка се спомнува Наташа Котлар од Институтот за национална историја, додека за другите општини во главниот град, главно, во игра беа личност од партиските ешалони. Сепак, ВМРО-ДПМНЕ ги демантираше информациите што пред неколку дена излегоа во дел медиуми околу можните кандидати за скопските општини, најавувајќи дека повеќето кандидатури ќе бидат објавени во наредните денови.
Пред околу еден месец ВМРО-ДПМНЕ ги најави партиските кандидати за градоначалници на Прилеп и на Охрид. Лекарот Борче Јовчески ќе биде кандидат за градоначалник на Прилеп, за каде СДСМ се уште нема утврдено кандидат, и покрај оставката на Горан Сугарески од Царинската управа, со цел да „трча“ на изборите.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Кирил Пецаков, ќе му се спротистави на актуелниот градоначалник на Охрид, Константин Георгиески.