Тој додава дека заминува од директорската функција за да нема дамка во внатрепартиската битка, а доколку некој друг ја добие поддршката од СДСМ, како што вели, ќе му ја даде безрезервна поддршка
Поранешниот министер за транспорт и врски и актуелен директор на Царинската управа, Горан Сугарески објави дека ја напушта директорката функција за да влезе во трка за кандидат за градоначалник на Прилеп од редовите на СДСМ.
Тој вели дека доколку ја добие поддршката од социјалдемократите со сопартијците ќе оствари, како што наведува, сенародна победа.
„Почитувани сограѓани, драги мои прилепчани, од секојдневните контакти со Вас, Вашите сугестии, размислувања, иницијативи, заклучив дека Ви го должам мојот максимален ангажман, дека сега сум најпотребен меѓу своите, во период кога предизвиците се најголеми“,
објави Сугарески.
Тој додава дека заминува од директорската функција за да нема дамка во внатрепартиската битка, а доколку некој друг ја добие поддршката од СДСМ, како што вели, ќе му ја даде безрезервна поддршка.
„Сметам дека е единствено исправно и политички коректно на истекот на 6 месечниот мандат на в.д. директор да прекинам да ја извршувам јавната должност во Царинската управа. Не сакам да оставам ниту трошка сомнеж дека на каков било начин ќе го злоупотребам моето учество во извршната власт за да влијаам на постапката за избор на кандидат за градоначалник. Внатрепартиската процедура не смее да има ниту една дамка. Длабоко сум убеден дека ова е логичен и принципиелен демократски исчекор во една модерна, транспарентна и супер демократска партија како СДСМ. Тоа значи дека од 11 јули јас се враќам на моето работно место во Општина Прилеп! Нека победи најдобриот! Ако членството на Општинската организација на СДСМ Прилеп и централното партиско раководство ја даде довербата на друг кандидат, бидете сигурни дека ќе му ја дадам мојата безусловна поддршка и ќе трчам како да сум јас!“,
објави Сугарески.