Нема поголем акт на партизација на државата од тој на Уставниот суд, кој е столб во една држава, заштитник и чувар на Уставот, да сакаш да поставиш поранешна пратеничка, партиски функционер и актуелен генерален секретар на Собранието од редовите на СДСМ, како Цветанка Иванова за уставен судија, реагира ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата обвинуваат дека со овие назначувања Заев од Судот прави форум на пензионери на СДСМ.
„Како ќе зборува СДСМ за независност и департизација кога за уставен судија ја предлага Цветанка Иванова, висок партиски функционер повеќе од една деценија? Иванова не само што делеше функции со Заеви, таа делеше и тендери. Зоран Иванов, син на Цветанка, кој е сопственик на фирмата ‘Дикор ЦД’ ДООЕЛ Струмица, е и бизнис-партнер на Трајче Заев во фирмата ‘Омни грдба’ ДОО Струмица, која се занимава со градежништво“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Фирмата „Дикор ЦД“ ДООЕЛ Струмица, доби тендер во висина од 300 000 евра од Јавното претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта за извршување патни работи во зимски услови, и тоа за територија на подрачјето на Штип за сезоната 2019-2020 година, додаваат од опозициска партија.
Вчера на собраниската Комисија за избори и именувања требаше да се утврдат кандидатите за уставни судии, но седницата беше прекината. Претседателот на комисијата, пратеникот Костадин Костадинов од СДСМ, ги обвини колегите од ВМРО-ДПМНЕ дека ја попречиле работата на комисијата и дека недоволно ги познаваат процедурите за избор на уставни судии.
Собранието треба да избере тројца уставни судии, за што во Уставот како единствен критериум е посочено дека треба да бидат истакнати правници.