Уште траат консултациите во ВМРО-ДПМНЕ за тоа како да гласи референдумското прашање што е нивна иницијатива по францускиот предлог. Оттаму посочија дека се работи за крупно прашање и дека не се обврзани со рокови. Опозицијата обвинува дека власта се плаши и не говори многу на оваа тема, како и дека претседателот Стево Пендаровски ретерира.
„Внатрепартиските консултации сѐ уште траат, веднаш штом се донесе одлука ќе излеземе и јавно ќе ја презентираме. Она што повеќе нѐ загрижува како политичка партија е недоветното однесување на Стево Пендаровски, кој сам изјави дека е потребен референдум за ова прашање, а потоа, откако најверoјатно му извршиле притисок или му ги истегнале ушите овие од СДСМ, ретерираше по тоа прашање дека не треба да има референдум“,
кажа на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, и порача дека уставни измени нема да се случат.
Зборувајќи дали е за или против референдум за францускиот предлог, шефот на државата во интервју за Канал 5 кажа дека нема никакво разбирање на барањето на ВМРО-ДПМНЕ за референдум и дека станува збор за манипулација која Христијан Мицкоски ја прави, како што кажа, прилично неочекувано.
Според него само едно прашање е релевантно, а гласи: „Дали сакате Република Северна Македонија да биде членка на ЕУ“. На вака чисто прашање, тврди Пендаровски, проевропската коалиција ќе ја победи антиевропската коалиција составена од ВМРО-ДПМНЕ и Левица со најмалку 150 илјади гласови.
По ова, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, го обвини Пендаровски дека ја повлекува поддршката за референдумот и дека, според него, тој не е државник.