Владејачката партија реагира на денешната прес-конференција на СДСМ, на која опозицијата обвини дека неквалификувани партиски кадри се вработуваат во Агенцијата за електронски комуникации.

„СДС не правеше ништо за граѓаните и државата, единствен приоритет ѝ беше партизација на државните институции. На партизацијата на државните институции потпис стави СДС. Не така одамна, сите се сеќаваме на партиската турканица за во Агенцијата за електронски комуникации. Настана дури и кавга меѓу коалициските партнери СДС и ДУИ кој да го фати возот за членство во АЕК“,
пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Претходно, од СДСМ објавија дека Анкица Трпковска, сопственичка на фирмата која требаше да ја изгради спорната катна гаража кај Собранието, е избрана за член на Комисијата на Агенцијата за електронски комуникации, за што месечно ќе добивала по 2 700 евра.