Од опозициската партија обвинуваат дека еден од функционерите блиски до власта кои кријат имот е и претседателот на Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР Саша Максимовски. Од лицата како него, велат од партијата, зависат сложени процеси во државата и одлучуваат за милиони, а не поднесуваат анкетни листови
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска продолжи да изнесува детали за лицата кои се вклучени во аферата „тајни имоти“ којашто партијата ја објави неодамна, а за која обвинува дека 123 функционери од СДСМ и ДУИ кријат имот вреден 30 милиони евра.
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бране Петрушевски денеска на прес-конференција кажа дека аферата опфаќа функционери именувани од Владата кои имаат голема партиска историја и се на повеќе функции во СДСМ.
„Таков е примерот со Ана Марија Павиќ која е именувана за член на Управниот одбор на Прифатниот центар за баратели на азил и не поднела анкетен лист. Истата е координатор на Форумот на жени во ОО Бутел и била кандидат за советник од партијата. Таа на сопствено име има луксузна лимузина Ауди А5, а остатокот од имотот е на нејзиното семејство“,
вели пратеникот Петрушевски.
Освен Павиќ, за опфатен во аферата „тајни имоти“ од ВМРО-ДПМНЕ го посочија и Саша Максимовски, за кого велат дека е пример за лицата од кои зависат сложени процеси во државата како распределба на финансиски средста до граѓаните и фирмите.
„Саша Максимовски е претседател на Комитетот за одобрување на инвестиции на ФИТР, и со работна позиција раководител на сектор во Владата на Република Македонија, кој не доставил анкетен лист до Антикорупциска комисија, а од она коешто ние го утврдивме на негово лично име има стан во населбата Карпош во Скопје“,
истакна Петрушевски.
Освен Максимовски, од опозициската партија посочуваат дека анкетни листови до Антикорупциската комисија не поднел ниту Теди Цоневски – член на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР.
„По линија на претседателот на Комитетот за одобрување на инвестиции во ФИТР одат и членовите на истиот. Па така, Теди Цоневски не го пријавил својот имот, кој според нашите истражувања се состои најмалку од еден стан во Горно Соње, еден стан во Кисела Вода и еден стан во Центар. Цоневски е основач и на фирмата ИНТРАТЕЛ СОФТ ДООЕЛ Скопје, која ја формирал во месец септември оваа година. А, покрај горенаведеното е и вработен во една голема телекомуникациска компанија“,
посочи пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат дека преку ФИТР, онаму каде што Максимовски и Цоневски одлучуваат за грантови, се давале грантови на луѓе блиски до владејачкиот СДСМ по принципот кој го нарекоа „измислување на топла вода“.
За неажурирање на анкетниот лист по речиси една година, од ВМРО-ДПМНЕ ги обвинија и директорот на Инспекторатот за транспорт, Гајур Рушити, државниот правобранител за подрачјето на Гевгелија, Ташко Дојчинов и директор во Пошта, Васко Стефанов.
Вчера, од опозициската партија почнаа да ги објавуваат имињата на лицата за кои тврдат оти се дел од аферата „тајни имоти“, односно функционери блиски до власта за кои ВМРО-ДПМНЕ обвини дека ги кријат своите имоти.
Први на списокот функционери кои ги кријат своите имоти од Антикорупциската комисија ги посочија аналитичарот Алберт Муслиу и адвокатот Ивица Јевтиќ кого го нарекоа најпознатиот адвокат на СДСМ. Освен Муслиу и Јевтиќ, според најголемата опозициска партија, имот кријат и директорот на ЈП „Македонски шуми“, Валентин Груевски и Новица Печински, член на Управниот одбор Здравствениот дом во Берово.