Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека додека власта бара од народот да штеди, да се тушира со поладна вода и да готви во мали тенџериња, СДСМ и ДУИ во време на криза не сакаат да ги скратат огромните хонорари и плати на функционерите кои се именувани од нивна страна.
„Еден од најкарактеристичните примери за паразитирање на грбот на граѓаните е Љубе Бошковски кој зема 50 илјади евра за мандат, а никој не знае ни што работи ни што придонесува за тие пари. Фестим Халили, пак, од позиција директор на ФИТР зема 1.000 евра месечно и скоро 50 илјади за мандат, за нешто за кое граѓаните немаат апсолутно никаква корист. Уште еден пример за неразумна плата е и Миѓен Селмани член на Управен одбор и директор во М-НАВ кој зема 3000 евра месечно или 144 илјади за мандат”,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сите овие, но и десетината други кои ги обелоденивме ја чинат Македонија околу 2 милиони и 250 илјади евра за еден мандат, велат од партијата. Овие средства доколку се скратат од ставката „паразитирање“ и се потрошат наменски сега во време на криза ќе има повеќе пари за лекови, за студентски оброк, за поддршка на земјоделците или за изградба на некое училиште, градинка или амбуланта.
ВМРО-ДПМНЕ ја отвори аферата „Паразити“ и досега ги изнесе податоците за неоправдано трошење на средства во М-НАВ, за каде објавија дека двајцата директори земаат скоро 500 000 евра плата за еден мандат од четири години. Според ВМРО-ДПМНЕ, Фахрудин Хамиди, зема плата од шест илјади евра месечно, додека Владо Крстевски зема 4,5 илјади евра месечно.
Покрај нив, обвинија дека Андреј Жерновски, кој повеќе од година и пол е дел од проектната единица за клинички центар, и за тоа зема месечен надомест од 1 000 евра, односно Жерновски досега зел над 18 000 евра од Министерството за здравство.