Претседателот на СДСМ нагласи дека ова се мерки што ќе имаат поширок ефект врз економијата, бидејќи пониските цени на горивата можат да влијаат и врз останатите цени, особено во услови кога граѓаните се соочуваат со високи цени на основните производи

Укинување на акцизата на горивата и намалување на ДДВ од 18 на 5 отсто, се мерките што ги предлага Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), а за кои велат дека се реални и од кои граѓаните ќе имаат бенефит.
Мерките што ги предлага СДСМ доаѓаат откако Владата вчера донесе одлука за намалување на данокот на додадена вредност (ДДВ) за дизел-горивото од 18 на 10 отсто. Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче, мерките на Владата се повторно задоцнети и недоволни и без суштински ефект.
Филипче на денешната прес-конференција, на која ги предложи мерките, направи споредба на тоа што значат предлозите на Владата, а што и каков бенефит ќе добијат граѓаните со мерките што ги предлага СДСМ, Според него, јасно се гледа дека со мерките на СДСМ граѓаните ќе имаат значајно олеснување, реално поголема куповна моќ и помал трошок за гориво.
„Доколку се имплементираат мерките на Владата, недоволното намалување на акцизата од 18 на 10 отсто, тогаш, човек со просечна нето плата може да купи 513 литри евродизел или 535 литри евросупер. Со нашите предлог мерки, ќе може да купи 621 литар евродизел, значи 108 литри повеќе, или 740 литри евросупер, односно 205 литри повеќе“,
рече Филипче.
Тој посочи дека разликата уште појасно се гледа кај граѓаните што имаат минимална плата, за кои секое намалување на трошоците има директно значење за семејниот буџет.
„Човек со минимална плата, наместо со мерките кои што ги предлага Владата да може да купи 276 литри евродизел, да може да купи 334 литри евродизел, значи 58 литри повеќе, и наместо 288 литри евросупер, 398 литри евросупер, односно 110 литри гориво повеќе со мерките на СДСМ“,
додаде Филипче.
Претседателот на СДСМ нагласи дека ова се мерки што ќе имаат поширок ефект врз економијата, бидејќи пониските цени на горивата можат да влијаат и врз останатите цени, особено во услови кога граѓаните се соочуваат со високи цени на основните производи.
„Сметаме дека ова се вистински мерки, кои граѓаните ги заслужуваат, затоа што ова значајно намалување на цените на горивата, со поддршка од страна на државата, може да предизвика и некаков пад на останатите цени. Затоа што цените по маркетите се ужасни. Ние имаме поскапи цени од Германија – на прехранбени продукти, на пијалоци, на се. И никој од оваа криминална арамиска влада за тоа не е заинтересиран, заинтересирани се само за партиските тендери од кои што крадат народни пари“,
рече Филипче.
Владата на вчерашната седница донесе одлука за намалување на ДДВ за дизел-горивото од 18 на 10 отсто, интервенција која велат дека се презема со цел да се амортизира ценовниот удар врз граѓаните и бизнис-секторот во период на кризна состојба. Ова произлегува од можноста за нарушувања во снабдувањето со нафта и нафтени деривати, а врз основа на владините пресметки, намалувањето на даночната стапка значително ќе го ублажи најавениот раст на малопродажните цени.
Повластена даночна стапка е од привремен карактер и ќе се применува до 28 септември.
Инаку, Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе одлука со која од полноќ бензините поскапуваат за три и пол денари, а дизелот поевтинува за два денари.
Со тоа, новата цена на еуросупер БС-95 ќе изнесува 100,50 денари за литар, додека еуросупер БС-98 ќе се продава за 102,50 денари за литар, а цената на дизелот, пак, ќе изнесува 99 денари.
Премиерот Христијан Мицкоски, денеска одговарајќи на новинарски прашања, рече дека доколку не била донесена одлука за намалување на акцизата, цената на дизел-горивото ќе била 11-11,5 денари поскапа од литар од ова што е денеска.
