ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложи биохемичарката Рашела Мизрахи за министерка за труд и социјална политика во техничката Влада,
Мизрахи, која согласно Пржинскиот договор ќе ја замени на функцијата актуелната министерка Мила Царовска дипломирала на скопскиот универзитет, а со титула доктор на науки по биохемија се стекнала на Универзитетот Бар Илан во Израел.

Идната шефица на ресорот труд и социјала работела како консултант на Глобален Фонд во рамки на програмата за туберкулоза во Р. Македонија, на мониторинг на лабораторија во Израел, а била и асистент на катедрата за физиологија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј”, Скопје.
Интересно е дека Мизрахи, заедно со актуелната министерка за финансии, Нина Ангеловска, била предавач на Школата за млади лидери, чиј покровител беше претседателот Ѓорге Иванов.
Од првиот ешалон, ВМРО-ДПМНЕ во Владата треба да има свое решение и за министер за внатрешни работи. Нивниот предлог на оваа функција да дојде армискиот полковник Драган Ковачки е одбиен од СДСМ, со образложение дека е во спротивност со Уставот. Се уште нема информации дали двете партии усогласиле ново решение.
Од дополнителните заменици-министри, ВМРО-ДПМНЕ во техничката влада предлага за ресорите финансии, земјоделство и информатичко општество.

Со парите на граѓаните, покрај Нина Ангеловска, ќе управува уште една жена, со оглед дека предлог за позицијата втор човек во финансии е Гордана Димитриеска-Кочоска. Таа важи за блиска до претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Била финансиски директор на ЕЛЕМ додека тој беше на чело на државните електрани (сега ЕСМ). Димитриеска-Кочоска сега работи во приватна компанија како финансиски консултант во областа на контролинг и финансии.

За дополнителен заменик-министер за земјоделство се предлага Цветан Трипуновски. Тој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, а бил директор на Државниот инспекторат за земјоделство и на Државната фитосанитарна лабораторија.

Актуелната пратеничка Невенка Стаменковска-Стојковски е предложена за дополнителна заменик-министерка за информатичко општество и администрација.