Ова не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ да го спомене името на Рамчиловиќ. Минатиот месец тие побараа од Антикорупциска да отвори случај по допрен глас за вработување на синот во МВР, за кој тој самиот се пофали на својата фејсбук-страница, како и за сопругата, која претходно е вработена исто така во МВР
Зеќир Рамчиловиќ е доказ за партизираната дипломатија и за тоа како преку распродажба на државните интереси се добиваат функции и привилегии. Вака денеска реагираа од опозициската ВМРО-ДПМНЕ на информацијата дека актуелниот пратеник од СДСМ заминува на амбасадорското место во Црна Гора.
„Со поставувањето на Зеќир Рамчиловиќ за амбасадор во Црна Гора владата на СДСМ и ДУИ продолжува да ја понижува и деградира македонската дипломатија. Наместо соодветен кадар кој достојно ќе ја претставува Македонија, власта за амбасадор поставува свој партиски послушник кој од дипломатија разбира само продажба на државните интереси на Македонија и преговори за фамилијарни вработувања“,
се вели во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.
Ова не е прв пат ВМРО-ДПМНЕ да го спомене името на Рамчиловиќ. Минатиот месец тие побараа од Антикорупциска да отвори случај по допрен глас за вработување на синот во МВР, за кој тој самиот се пофали на својата Фејсбук-страница, како и за сопругата, која претходно е вработена исто така во МВР.
„Така, откако гласаше за промена на името на Република Македонија, СДСМ прво го награди Рамчиловиќ и го стави пратеник, а потоа наградата се прошири и за неговото семејство. Најпрвин си ја вработи сопругата на висока позиција во МВР, а потоа и неговиот син го вработи како полицаец. Очигледно е продажбата на државните интереси има цена, а цената на Рамчиловиќ е амбасадорско место и вработувања на семејството“,
потсетуваат денеска од ВМРО-ДПМНЕ.
Државната комисијата за спречување корупција на 25 август објави дека веќе отворила предмет по сопствена иницијатива за вработувањето на синот на пратеникот од СДСМ, Зеќир Рамчиловиќ, во МВР, додека за вработувањето на сопругата веќе е донесена одлука на седницата одржана на 1 ноември 2019 година.
Рамчиловиќ минатиот месец на својот фејсбук-профил, објави дека неговиот син е еден од новопримените 590 полициски службеници во МВР.
Денеска министерот за надворешни работи соопшти дека Рамчиловиќ добил агреман и заминува на амбасадорско место во Подгорица.