Опозицијата обвинува дека на Денот на ослободувањето главниот град е „заробен“ во смог и коронавирус
„Добредојдовте во Скопје, градот со најголем број заразени од коронавирус и најзагаден воздух во светот“. Транспарент со ваква содржина постави денеска ВМРО-ДПМНЕ на влезот во главниот град, на тој начин одбележувајќи го Денот на ослободувањето.
„Денеска е 13 ноември, ден кога Скопје го слави ослободувањето од фашистичкиот окупатор! На денешниот 13 ноември Скопје е повторно заробено во смог и магла, полни со отрови и вируси. Скопје е рекордер во светот во отровни гасови и смртоносен вирус“,
обвини портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
За ваквата состојба, според Стоилковски, придонесува и градоначалникот Петре Шилегов, со редуцирање на јавниот превоз.
„Наместо автобусите на ЈСП да бидат главна алтернатива кон почист воздух со помалку автомобили, Шилегов и ЈСП го редуцираа возниот ред, за што повеќе возила на улиците и поголема емисија на штетни гасови. Во ретките автобуси е невиден метеж! ЈСП е потенцијално жариште на ковид“,
рече Стоилковски.
Според ВМРО-ДПМНЕ и министерот за здравство Венко Филипче, исто како и Шилегов, нема план и не знае што е одговорност.
„На двајцата им е важно шефот да им е среќен. Скопје, со Филипче и Шилегов, на овој 13 Ноември, е град каде што болниците немаат кревети за болните од ковид. Граѓани со денови чекаат за закажување за тестирање и за добивање резултати за коронавирусот, додека функционери од власта со врски и преку ред се тестираат“,
рече Стоилковски.