Од партијата велат оти градоначалничката Арсовска го назначила Марјан Митовски на директорската функција во ЈП „Водовод и канализација“ сè додека е член на Управниот Одбор на ЈП „Улици и патишта“, а дека тоа е спротивно на Законот за спречување на корупција и судирот на интереси
Марјан Митовски беше назначен за нов в.д. директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ откако неговиот претходник, ексдиректорот Златко Перински беше разрешен од функцијата поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра
ВМРО-ДПМНЕ денеска поднесе претставка до Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) поради, како што велат, непостапувањето на градоначалничката Данела Арсовска во врска со новиот директор на ЈП „Водовод и канализација“, Марјан Митовски кој освен во ова претпријатие истовремено е и член на Управниот Одбор на ЈП „Улици и патишта“.
Фактичката состојба, вели портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, е дека Арсовска како градоначалник на Град Скопје го назначила Митовски на две позиции.
„Марјан Митовски во моментот на назначување на позицијата вршител на должност – директор на ЈП ‘Водовод и канализација’ Скопје паралелно е носител и на друга функција, член на Управен Одбор на Јавното претпријатие ‘Улици и Патишта’ – Скопје, и со тоа директно се прекршува членот 44 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси, според кој е регулирана забрана за вршење на други дејности и во кој изрично е наведено дека избрано или именувано лице за време на траењето на неговиот мандат е должно да ги почитува правилата за неспоивост на функцијата која ја врши со други функции или дејности утврдени во Уставот и законите“,
посочи Митева.
Таа додава дека Митовски не смеел да биде назначен за директор на ЈП „Водовод и канализација“ се додека е член на управен одбор на друго јавно претпријатие на Град Скопје.
„Имено според став 4 од членот 44 од Законот за спречување на корупција и судирот на интереси јасно е наведено дека избрано или именувано лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување или надзорен орган во јавно претпријатие, јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал“,
додава Митева.
Марјан Митовски беше назначен за нов в.д. директор на Јавното претпријатие „Водовод и канализација“, откако неговиот претходник, ексдиректорот Златко Перински беше разрешен од функцијата поради самоволие и несоодветно постапување во постапка за тендер вреден 136 милиони евра.