Како што истакна координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, „ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на оваа влада и одржување предвремени избори“
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, денеска по состанокот со пратеничката група на неговата партија и коалицијата „За обнова на Македонија“ соопшти дека е потврдена одлуката за активна блокада на Собранието.
Блокадата почнува од утре, а подразбира, како што рече, „попречување на штетните закони и политики“.

Активната блокада, напомена Мицевски, следува откако премиерот Ковачевски и Владата одбиле дијалог во четири клучни области за граѓаните – економија, здравство, образование и меѓународна политика со акцент на блокадите од Бугарија, но и како природно решение на сите овие проблеми, разговор за датум за предвремени избори и соочување со волјата на народот.
„Понудата на ВМРО-ДПМНЕ за дијалог која опфаќа и решенија во овие четири области, како и разговор за предвремени избори, не е шведска маса со која премиерот може да се служи во сегментите кои само него му одговараат. Подготвени сме да одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните. Ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на ова Влада и одржување предвремени избори иако тоа се процеси што бараат размислување и дефинирање одредени чекори. Активната блокада е последица, реакција на акцијата на Владата на Ковачевски, предводена од СДСМ и ДУИ кои не покажаа чувство за државност и одбија секаква можност за дијалог околу најважните прашања за државата. Тоа што Ковачевски од целата оваа понуда за нормален дијалог се фокусира само на предвремени избори, покажува дека е свесен дека е премиер на Влада која нема поддршка од народот. Во тоа е болката, се плашат од соочување со граѓаните“,
изјави Мицевски пред седиштето на партијата.

Тој дополни дека „се што е штетно ќе биде блокирано“.
„Ќе има активна блокада за спас од ценовните шокови, блокада на криминалната банда и лицемерието на власта, блокада за спас од сиромаштијата. Ќе почнеме од Собранието зашто таму се носат штетни закони. Се што е штетно ќе биде блокирано, но има и процеси кои на дневна основа треба да течат. Следува ребаланс на Буџетот на кој активно ќе учествуваме и ќе ги кажеме сите забелешки и ставки преку кои мислат да го испразнат Буџетот, објасни координаторот на пратеничката група“,
објасни Мицевски.
Одговорајќи на новинарско прашање за законите со европско знаменце, Мицевски рече дека и тоа има граници.
„И пуштањето закони и злоупотребата на европско знаменце има граници. Последниот извештај на Европската комисија токму тоа го нотира. Во ситуација кога нема активна блокада, ако бидат паметни, законите ќе си ги пуштат во редовна процедура за да не убедат дека е исправно она што го прават. Во спротивно, ќе сметаме дека ова што го прават е злоупотреба на процедурите“,
рече Мицевски.
Оваа Влада, според него, нема избработено ништо од закони.
„Денеска или утре ќе соопштам колку точно закони има донесено оваа Влада. Ќе се фрапирате од бројката зашто не се повеќе од 40-на. Дваесет и нешто министерства за 100 дена донеле 40 закони или помалку од пола закон на ден, па што работат во оваа Влада? Затоа е потребно ден поскоро да имаме предвремени избори и нова влада за спас од национална катастрофа“,
додаде координаторот.
Како што истакна Мицевски, „ова е процес што ќе трае најверојатно до пад на оваа Влада и одржување предвремени избори“.
„Подготвени сме да одиме до крај зашто можеме и мораме да ја осигураме иднината на граѓаните“,
изјави Мицевски пред седиштето на партијата.
Одлуката за активна блокада на Собранието што претходно ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, според Мицевски, на денешната средба била едногласно прифатена.
На координативната средба присуствуваше и лидерот на партијата Христијан Мицкоски.
Премиерот Димитар Ковачевски пред неколку дена посочи дека најавата за блокада од опозицијата не е ништо ново и дека во Собранието се блокирани неколку десетици закони клучни за граѓаните – како што е законот за АРМ, за Клинички центар, за проекти за финансирани од Светската банка и потсети на начинот на кој се носеа антикризните мерки.
Тој додаде дека тоа што го прави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, е најнеодговорното нешто што може некој да го направи во време на најголемата економска, енергетска, здравствена и воена криза во Европа по Втората светска војна.