Потпретседателката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Димитриеска Кочоска на прес-конференција објави документ со кој, вели, се гледа дека СДСМ одбила помош од ВМРО-ДПМНЕ за набавка на гас по цена од 850 евра, па затоа од почетокот на грејната сезона, Владата купува гас по цена од 1560 евра.
Таа вели дека ВМРО-ДПМНЕ понудиле позиции и контакти кои се во можност да обезбедат гас за Македонија по поволни услови за државата. Цената понудена од контактот даден од ВМРО-ДПМНЕ е за неколку стотина евра пониска од берзанската. Истата овозможува сигурност и предвидливост и за државата и за економијата и би не штитела од евентуални потреси на пазарот на енергенси во зимскиот период кога цените поучени од минатата година може да одат и над 3.000 евра за 1000 нормални метри кубни гас.
“Ова е документ од компанијата трговец со енергенси, регистрирана во Швајцарија даден до ЕСМ продажба, од кој се гледа цената на и количината која била понудена. Цената за 1000 нормални метри кубни гас која е понудена до ЕСМ е 850 евра. Оваа цена е фиксна и важела за период од ноември до крајот на април, за испорака на над 200 милиони кубни метри гас”,
вели Димитриеска-Кочоска.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат очигледно е дека СДСМ заради инает и политичка незрелост, не ја прифатиле помошта од ВМРО-ДПМНЕ, плашејќи се дека целосно ќе излезе на површина нивната неспособност.
“Нема оправдување за Владата на СДС кои свесно ја донесоа Македонија во положба да губи милиони евра неделно, само заради нечија суета и инает. Договорот кој е понуден од фирмата трговец со енергенси е класичен ЕФЕТ договор, договор кој го користат сите фирми кои тргуваат со енергенси во ЕУ, и истиот е заштита и за државата бидејќи претставува европска пракса”,
кажа Димитриеска-Кочоска.
Димитриеска-Кочоска кажа дека СДСМ и Ковачевски немаат државотворен капацитет и не можат да го стават државниот над партискиот и личен интерес, затоа потребни се промени и Влада на ВМРО-ДПМНЕ која ќе ја направи Македонија енергетски стабилна држава, која нема да има потреба од скап увоз на струја.