Потпретседателот на опозициската партија прашува зошто молчи и претседателот на државата, кој има ингеренции во надворешната политика
Владата крие документ според кој Бугарија отворено го условува датумот за преговори на нашата земја со ЕУ, обвини денеска на прес-конференција потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски. Според него, земјава има нов сериозен проблем во интеграцискиот процес, затоа што Софија бара државата да се откаже од македонското малцинство и од македонскиот народ.
„Скандал од невидени размери е документот што Никола Димитров, под патронат на владата на Заев и на Спасовски, го крие од јавноста, а со кој Бугарија отворено го условува за датумот за преговори. Македонија има нов голем проблем во нејзините европски интеграции. Од Македонија се бара да се откаже од македонско малцинство, а со тоа и од именувањето на македонскиот народ како македонски, како и да се откаже од македонскиот јазик“,
изјави Николоски.
Користејќи го старото уставно име на државата, Николоски тврди дека Бугарија бара нашата земја да користи само „службен јазик на Република Македонија“. Според Николоски, станува збор за документ кој станал дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и без кој нема датум за преговори за Македонија. Со имплементацијата на одредбите на овој документ, вели, се условува одржувањето на првата меѓувладина конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.
Николоски ја презентира и содржината на документот за кој тврди дека Димитров го крие од јавноста.

„Во заклучоците на Советот на Европската Унија јасно стои дека изјавата на бугарската делегација е составен дел од одлуката. Со ова Заев, Димитров, Спасовски, Шекеринска влегуваат во проект за редефинирање, односно создавање на новата т.н. северномакедонска нација и целосно откажување од сè што е македонско. Огромен скандал е што за ова молчи и Стево Пендаровски кој по неколку недели излезе со став во македонската јавност целосно релативизирајќи го овој скандал. Не смее да се релативизира овој неуспех. Затоа што и претходно овие исти ликови не убедуваа дека спорот за името беше билатерално прашање. Претседателот на државата има ингеренции во надворешната политика. Прашањето е зошто тој со недели молчел за овој документ. Ако знаел, тогаш зошто не презел нешто. Ако не знаел, тогаш зошто и кој го криел тоа од него? Овие се прашања на кои очекуваме одговори од Владата и од претседателот на државата“,
рече Николоски.

За условувањата од Бугарија, минатата седмица, информира порталот МКД.мк. ВМРО-ДПМНЕ првично не реагираше на оваа информација. Министерот Димитров, пак, изјави за порталот дека вакви условувања се косат со европските вредности.