Опозициската ВМРО-ДПМНЕ тврди дека ниту еден од функционерите во техничката влада од нејзините редови нема да си даде оставка.
Реакциjата следува откако вечерва во медиумите се појавија информации дека министерот за внатрешни работи Наќе Чулев подготвува оставка која треба да ја депонира утре, а потоа и дека за оставка се спремаат и останатите дополнителни заменици-министри од оваа партија.
Веста ја демантираше и самиот Чилев.
„Лажна вест е. Станува збор за психолошки притисок пропратен и со други непринципиелни работи“,
одговори Чулев на прашањето на „360 степени“.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, во соопштението наведуваат дека лажните вести во врска со оставките произлегуваат од кујната на СДСМ како резултат на очај и страв од огромен пораз на изборите на 12 април и со цел да се сокрие инволвираноста на Зоран Заев во аферата „Рекет“.
„Тоа што Заев пушта лажни вести значи дека криминалците се плашат од Чулев и дека власта сака да ја сокрие вистината за ‘Рекет’. Ниту СДСМ, ниту криминалците кои се во коалиција со СДСМ нема да ја имаат таа среќа ниту Наќе Чулев, ниту било кој од техничките министри да си дадат оставка“
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Покрај споменатиот Чулев, во техничката влада ВМРО-ДПМНЕ има и тројца дополнителни-заменици министри: Цветан Трипуновски во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство; Невенка Стаменковска-Стојковски во Министерството за информатичко општество и администрација и Гордана Димитриеска-Кочовска во Министерството за финансии.
Опозицијата остана без министерското место во труд и социјална политика откако Собранието со 62 гласа „за“ и 26 „против“ минатиот викенд ја разреши Рашела Мизрахи. Разрешувањето го побара премиерот Оливер Спасовски, откако Мизрахи неколку пати излезе во јавност пред табла во министерството со старото државно име „Република Македонија“. Иако Спасовски бараше, ВМРО-ДПМНЕ не достави нов предлог за оваа позиција.
По разрешувањето и недоставувањето на нов предлог, Владата по денешната седница соопшти дека Ѓонул Бајрактар, редовниот заменик-министер во труд и социјална политика, ќе раководи со овој владин ресор до изборите на 12 април.