Владејачката партија не отстапува од тезата дека Македонија ќе биде прва во регионот што ќе ги испорача обврските кои и се зададени и ќе ги донесе законите што се дел од Реформската агенда

ВМРО-ДПМНЕ ја повикува СДСМ да ги поддржи законите од Реформската агенда во Собрание. Оттаму обвинуваат дека иако опозицијата зборува за европски вредности,кога ќе дојде време да покаже нешто на дело, „ги нема никаде“.
„Не е проблем ако опозицијата има различно мислење, туку тоа што од СДС цело време зборуваат за тие европски вредности и за реформи, а кога ќе дојде време да гласаат за законските решенија во Собранието не гласаат. Не гласаа за ниту едно законско решение, ниту во 2024, ниту во 2025 година. Притоа, избегаа од работната група за Изборниот законик, а таа работна група не спроведува никаква партиска агенда, туку има задача да ги имплементира препораките на ОБСЕ и ОДИХР, стандарди кои самата ЕУ ги бара и стандарди за кои од СДС велат дека ги сакаат, па сепак бегаат“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Сметаат дека тоа е минимумот што треба една опозиција да го направи покрај нејзината конструктивност.
„Неделава беа дополнети Предлог-законот за судска служба, Предлог-законот за јавнообвинителска служба и Предлог-законот за користење на енергија од обновливи извори, а усвоени беа Предлог-законот за високи раководители, како и Предлог-законот за оружје“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Владејачката партија не отстапува од тезата дека Македонија ќе биде прва во регионот што ќе ги испорача обврските кои и се зададени и ќе ги донесе законите што се дел од Реформската агенда.
