Оттаму нагласуваат дека, по преземањето на власта, како главен приоритет ќе го постават справувањето и сузбивањето на корупцијата во сите институции и „одговорност ќе има за сите“
Поминаа пет дена откако градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, беше ставен на „црната листа“ на САД поради корупција и мешање во судски процеси, но оставка од негова страна нема ни на повидок. Нема барање за оставка ни од неговата матична партија ДУИ ни од помалиот коалициски партнер во владата СДС, соопштија од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавноста бара оставка од Мерко веднаш, но очигледно мислењето на народот, како и за многу други случаи, не ѝ е важно на власта. Важно е само тендерите да врват и да се купи уште некој месец на власт. Сите институции, кои имале врска со овој случај потфриле, едни ги чувале случаите по фиоки, други најверојатно се офајдиле, трети се правеле наудрени. Случајот ‘Мерко’ е пример за тоа како владеат ДУИ и СДС“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму нагласуваат дека по преземањето на власта, како главен приоритет ќе го постават справувањето и сузбивањето на корупцијата во сите институции и „одговорност ќе има за сите“.
Мерко беше ставен на „црната листа“ на САД поради вмешаност во значителна корупција и, како што објави Стејт департментот, бидејќи присвоил средства и се мешал во судски и во други јавни процеси.
По објавата од Стејт департментот, Судскиот совет најави дека ќе формира комисија која во Основниот суд во Струга ќе провери дали струшкиот градоначалник се мешал во судски постапки.
Судскиот совет влегува во Струшкиот суд, ќе проверува дали Мерко се мешал во судски постапки
Јавното обвинителството објави листа од шест активни предмети кои во моментов се водат за струшкиот градоначалник и најави дека ќе проверува дали Мерко влијаел во некој од нив, односно дали има неажурно и непрофесионално постапување од обвинителите. Исто така, ќе се проверуваат и предметите што се веќе затворени.
Од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), пак, вчера порачаа дека немаше да има потреба од толкава бура во јавноста доколку Јавното обвинителство, Судскиот совет, Министерството за внатрешни работи и другите надлежни институции си ја вршеле работата и постапувале по иницијативите кои изминатите години ги покренале антикорупционерите.
