„Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори не се штетните договори или, пак, промената на Уставот под нечиј диктат, туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција“, велат од опозициската партија
Одраз на тажната реалност – вака опозициската ВМРО-ДПМНЕ го оцени извештајот на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјава во 2023 година, обвинувајќи ја власта дека не се посветува на реформите, туку дека е насочена кон стратегиски погрешни цели.
„Наместо владеење на правото, имаме владеење на самоволието. Наместо силна реформа имаме уназадени институции. Наместо напредок, имаме порази. Власта на СДС и ДУИ е разобличена, проблемот зошто Македонија не почнува преговори не се штетните договори или, пак, промената на Уставот под нечиј диктат, туку затоа што државата не е средена, не е вистински реформирана и затоа што наместо право и правда владее власт заглавена во криминал и корупција“,
рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, на денешната прес-конференција.
Извештајот на Европската комисија во кој се нотираат низа забелешки, вели Митева, се одраз на состојбата на стагнација и во одреден дел на назадување, во која се наоѓа државата.
„Денес нема да ја слушнете власта како зборува за извештајот, нема да го слушнете ниту Ковачевски, Груби, Маричиќ, Османи и останатите да се нарекуваат европски фронт затоа што извештајот ја обелоденува нивната непосветеност кон системско имплементирање на препораките“,
додаде портпаролката на опозициската партија.
Нејзината изјава следува откако Европска комисија денеска го објави извештајот за напредокот на земјава во 2023 година. Во него, меѓу другото, е нотирано дека С Македонија нема постигнато никаков напредок во областа на судството и борбата против корупцијата, забележана е нарушена работа на Собранието поради политичка поларизација, злоупотреба на „европското знаменце“ при носењето закони, неусвојување на уставните измени, отсуство на реформа во јавната администрација, страшна состојба во затворите.
Пред ЕK официјално да го објави извештајот, министерот за надворешни работи Бујар Османи утринава на прес-конференција кажа дека најголемите слабости кои ги забележува Комисијата се политичката поларизација и блокадата на парламентот. Ова, рече тој, не е порака само до Владата, туку и до опозицијата, која, како што посочи, со години преку филибастеринг го блокира парламентот поради партиско-политички дневен интерес и со тоа, според Османи, не го дозволува носењето важни законски и реформски решенија.