„Најголемиот феномен е што токму власта на СДС и ДУИ, која се прогласува за проевропска, си дозволи да не се покрене ниту една истрага за лавината на корупциски активности. Институциите молчат, не постапуваат и не реагираат никако само за да бидат во одбрана и служба на власта“, рече денеска на прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева
Реакцијата на опозициската партија доаѓа откако американската амбасадорка Агелер на брифинг со новинари кажа дека има епидемија на корупција во земјава и го има зафатено секој сектор, секоја организација и „само преку повикување (укажување) на корумпираните актери можеме да почнеме со помагање за земјата да се справи со тие прашања“
Цитирајќи делови од изјавата на американската амбасадорка Анџела Агелер дадена вчера на брифинг со неколкумина новинари, опозициската ВМРО-ДПМНЕ за состојбата со корупцијата во земјава што ја дијагностицира Агелер денеска на прес-конференција ги обвини двете владејачки партии – СДСМ и ДУИ.
„Соединетите Американски Држави (САД) издвоија околу 500 милиони долари за добро владеење и владеење на правото, а гледаме епидемија на корупција во Македонија. Ова е изјавата на стратешките партнери која е потврда дека корупцијата е во секоја пора на општеството, во секој сектор. Парите се потрошени, а виновните и одговорните за тоа се на слобода. СДС и ДУИ се седум години на власт. Оливер Спасовски е речиси девет години министер за внатрешни работи, а Македонија од година во година е се повеќе заглавена во криминал и корупција“,
рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева на прес-конференцијата.
Пренесувајќи го партискиот став во врска со изјавата на американската амбасадорка, таа кажа дека криминалот и корупцијата со СДСМ и ДУИ станал начин на функционирање „кој може да се искорени само со нивно искоренување од власт.
Митева, исто така, рече дека довербата во судството е само два проценти, посочувајќи дека пониска не била никогаш.
„Оваа власт на СДС и ДУИ е прва во криминалот. Тие се суштината на сите проблеми. Високото ниво на криминал и корупција го има во врвот на власта, но го има и во сите други сегменти во општеството. Практично не постои сектор во државата во кој нема корупција – дали е тоа здравството, образованието, дали е тоа судството, обвинителството или други сектори, секаде е присутна корупцијата“,
рече портпаролката на најголемата опозициска партија.
Македонија е блокирана затоа што наместо правда владее криминалот, кој, како што кажа партиската портпаролката, го штити и развива обвинителството, наместо да биде прво во борбата за негово спречување.
„Најголемиот феномен е што токму власта на СДС и ДУИ која се прогласува за проевропска си дозволи да не се покрене ниту една истрага за лавината на корупциски активности. Институциите молчат, не постапуваат и не реагираат никако само за да бидат во одбрана и служба на власта“,
вели Митева.
Решението, посочи таа, е едно – директно справување со криминалот и корупцијата.
„Мора да се воспостави функционален систем на владеењето на правото и да се воспостави функционална правна држава. Само така Македонија ќе биде вистински реформирана и напредна“,
подвлече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
Амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер вчера одржа брифинг со неколкумина новинари, на кој зборуваше за причините за зошто ексвицепремиерот за економски прашања во првата влада на Зоран Заев се најде на листата на Стејт департментот. Таа вели дека ставањето на Кочо Анѓушев на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности. Не откри детали за кои случаи конкретно станува збор, но рече дека не станува збор за изолиран случај.
Агелер не мисли дека серијата назначувања на американската „црна листа“, на која во последните шест месеци покрај Анѓушев се најдоа и Орце Камчев и Рамиз Мерко, се случуваат доцна. Таа, како што вели, би сакала да види повеќе лица и нивно побрзо назначување, но додава дека станува збор за сложен и макотрпен процес кој резултира со целосна сигурност дека конкретните луѓе навистина се дел од коруптивни активности.
„Има епидемија на корупција во оваа земја и го има зафатено секој сектор, секоја организација и само преку повикување (укажување) на корумпираните актери можеме да почнеме со помагање за земјата да се справи со тие прашања. Обесхрабрувачки е затоа што, особено во последната декада, видовме значајно зголемување на корупцијата во оваа земја. Што може САД да направат? Работевме на обука на мнозинството судии во земјава, на мнозинството обвинители и други лица кои се дел од судството и, како што реков, немаше некој голем поврат на инвестицијата“,
е ставот на американската амбасадорка.
Анѓушев, пак, ги негираше сите сомневања на Стејт департментот и најави жалба на одлуката.
Вчера попладне со писмен допис до медиумите се огласи и поранешниот премиер Зоран Заев во чиј мандат Анѓушев ја извршуваше функцијата вицепремиер за економски прашања.
Заев во јавното обраќање му изрази поддршка на Анѓушев за, како што наведува, докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави. Тој во дописот додава и дека стои на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања во врска со која било тема, вклучително и основата за сомневањата кон Анѓушев.