Од опозициската партија обвинуваат дека под изговор „контрола на маржите“ се удира врз најситните дуќанџии, додека големите трговски субјекти, за кои се оценува дека се блиски до власта, се заштитени „како бели мечки“; Од „Бихаќска“, пак, возвраќаат дека причина за ваков „напад“ е тоа што родинина на функционер на ВМРО-ДПМНЕ не го почитувала законот
Изминатите неколку дена, УЈП, предводена од кадарот на СДСМ, Сања Лукареска, врши брутална хајка врз најситните трговци и продавници, додека големите трговци никој не ги контролира, обвини вечерва ВМРО-ДПМНЕ.
Од опозициската партија велат дека под изговор „контрола на маржите“ се удира врз најситните дуќанџии, додека големите трговски субјекти, за кои се оценува дека се блиски до власта, се заштитени „како бели мечки“.
„Тимови составени од партиски кадри влегуваат во ситните маалски продавници и, врз строго селективни критериуми, политички селективно изрекуваат казни и ги товорат со дополнителни трошоци осудувајќи ги на пропаст. Тие не се задолжени да констатираат крупни неправилности, туку да извршат хајка врз тие кои не мислат како власта“,
се наведува во соопштение од ВМРО-ДПМНе.
Оттаму посочуваат дека еден од таквите тимови на УЈП е предводен од Александар Ѓорѓиоски, претседател на младите на СДСМ – Прилеп и актуелен советник, вработен во УЈП.
„Ѓорѓиоски, наместо да се соочи со обвинителен акт поради тоа што во време на изборите се закануваше по безбедноста и животот на детето на прилепскиот градоначалник Јовчески, тој дели казни во име на УЈП и затвора маалски дуќани низ Охрид, Битола, Прилеп“,
обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, возвраќаат дека „нападот“ врз УЈП е испровоциран од тоа што родинина на функционер на ВМРО-ДПМНЕ не го почитувала законот.
„Ако роднина на сопруга на функциониер од ВМРО-ДПМНЕ не го почитувала законот не може да се брани со партиски соопштенија и да се прават конструктиции. УЈП, како и сите други институции, дејствува според законите и постапува неселективно и ефикасно. Преку редовните контроли на УЈП се штити стандардот на граѓаните од субјекти кои преку непочитување на законите сакаат да профитираат во време на криза. Дејствувањето на УЈП е во насока на тоа да се спречат манипулации со цените врз грбот на граѓаните среде криза“,
реагираат од владејачкиот СДСМ.