Со одлуката се определува највисоката трговска маржа да изнесува до пет отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до десет отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, солта, брашното – тип 400, суровото сончогледово масло и сончогледово масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомесни производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините, пченицата, овошјето и зеленчукот
Од денеска одлуката за „замрзнување“ на цените на основните прехранбени производи престанува да важи. Наместо тоа, од денеска, по предлог на Министерството за економија, во сила стапува одлуката за одредување највисоки трговски маржи на продажните цени на основните прехранбени продукти во трговијата на мало и големо, а ќе важи до 31 мај годинава.
Со новата одлука се определува највисоката трговска маржа да изнесува до пет отсто на продажната цена пресметана во трговијата на големо, односно до десет отсто на продажната цена во трговија на мало кај лебот, шеќерот, брашното – тип 400, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 отсто, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата, оризот, јајцата, тестенините. А според новата одлука, како што претходно најави и министерот за економија, Крешник Бектеши, на листата на основни прехранбени производи се додадени и овошјето и зеленчукот, пченицата, суровото сончогледово масло, сончогледовото масло за јадење и солта.
Кај трговците на мало во вкупниот износ на трговската маржа до 10 отсто се вклучени рабатот и надоместоците кои трговецот на мало ги наплаќа од трговецот на големо за рекламирање и за примарни и секундарни позиции за изложување на стоките на рафтови, односно полици.
Доколку трговците не се придржуваат до оваа одлука согласно Законот за трговија ќе следуваат глоби во износ од 800 до 1 000 евра во денарска противвредност за микротрговец, од 1 600 до 2 000 евра за мал трговец, од 3 000 до 6 000 евра за среден трговец и од 7 000 до 10 000 евра во денарска противвредност за голем трговец.
Во наредниот период, според најавите од надлежните, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе излезе на терен со засилени контроли кај трговците, а граѓаните кои ќе утврдат зголемување на цените на основните прехранбени производи можат да пријават на бесплатниот телефонски број 191 на ДПИ.
Министерот за економија Крешник Бектеши смета дека со одлуката за ограничување на маржите ќе се стабилизира пазарот и не верува оти ќе има нов ценовен шок.
Стопанската комора, пак, во петокот побара итна средба со министерот за економија за дополнителни консултации со цел наоѓање избалансирано решение за замрзнувањето на маржите во трговијата на големо и на мало.
Ако маржата се „замрзне“ за одреден период, според компаниите членки на Комората, таа треба да биде во висина од 20 проценти во трговијата на мало, а потребна е и корекција на листата на производи, односно одлуката на Владата да се однесува само на основните производи во секторите опфатени со неа. Доколку не се направи корекција на листата, велат од Комората, трговците на мало ќе бидат принудени овие производи во наредниот период да ги откажат.
Денеска престанува да важи претходната одлука на Владата за замрзнување на цените на основните прехранбени производи што беше донесена на 5 декември минатата година. Тогаш цените на основните прехранбени производи беа замрзнати со цената што ја имале на 1 декември 2021 година. Првично беа замрзнати цените на лебот, шеќерот, брашно – тип 400, сончогледовото масло за јадење, трајното млеко со масленост од 2,8, 3,2 и 3,5 проценти, свежото месо и сувомеснати производи, сирењето и урдата. Потоа одлуката беше проширена и за оризот, јајцата и тестенините.