За денеска беше закажана расправа за поднесените амандмани во Комисијата за труд и социјална политика, на чие чело е пратеник на Алијанса/Алтернатива, но, според информациите од собраниската веб-страница, седницата е презакажана за утре претпладне
СДСМ обвини денеска дека Алијансата за Албанците, по налог на ВМРО-ДПМНЕ, се обидува да ги закочи измените на Законот за работни односи, кои предвидуваат недела да биде неработен ден во повеќето дејности. Откако не се одржа седницата на Комисијата за труд и социјална политика, иако беше најавена за денеска, од СДСМ посочуваат дека оваа новина треба да стапи во сила на 1 октомври, но дека опозицијата никако не закажува седница на матичната комисија со која раководи.
„По налог на Христијан Мицкоски, неговите коалициски партнери Алијанса и Алтернатива, овде во Собранието се обидуваат да закочат уште едни важни законски измени. Претседателот на Комисијата за труд и социјална политика од редовите на Алијанса/Алтернатива, Хусни Исмаили, упорно не закажува седница на чиј дневен ред се измените и дополнувањата на Законот за работни односи, со кои недела станува ден за одмор за сите работници. Овие измени треба да стапат во сила на 1 октомври, а денеска на десет дена пред тоj датум, опозицијата во Собранието се обидува да ги спречи тие измени. Ништо не е сменето во ВМРО-ДПМНЕ, секогаш кога во Собранието треба да се носат закони што се во корист на граѓаните, оваа партија на секој начин се обидува да ги блокира и закочи. Овој пат тоа очигледно го прави преку своите коалициски партнери“,
изјави на прес-конференција во Собранието пратеничката на СДСМ, Жаклина Лазаревска.
Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска апелираше до пратениците да ги изгласаат законските измени што предвидуваат дека недела е неработен ден, со цел тие да стапат во сила од 1 октомври.
Законот е во второ читање во собраниска процедура и за денеска беше закажана расправа за поднесените амандмани во Комисијата за труд и социјална политика, но, според информациите од собраниската веб-страница, седницата е презакажана за утре претпладне.
Недела како неработен ден се воведува преку измени во Законот за работни односи, а исклучоци од ова правило има во оние дејности каде што не може да се прави прекин на работниот процес.