„Како сите институции се ставиле во погон за возило кое не е во негова сопственост и зошто му се дава толку важност на случајот ако не е мотивиран од криминални зделки?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
Првиот вицепремиер Артан Груби нека ги чува приказните дека позајмувал автомобил од пријател за своите поддржувачи, велат од ВМРО-ДПМНЕ потенцирајќи дека клучно во целиот случај е што возилото не го пријавил.
„Возилото на Груби, кое беше запалено пред неговиот дом, не е пријавено во анкетен лист. Тоа е клучното во овој скандал. Приказните дека позајмувал, возел автомобили од пријатели, многу сакал возила од таа марка и слично нека ги чува за пред неговите поддржувачи и нека не се надева дека некој му верува“,
велат од опозициската партија.
Оттаму сметаат дека и Груби и ДУИ се разобличени и им останува само да одговараат пред органите.
„Груби да каже зошто е толку многу задоволен од брзата реакција на безбедносните институции, но заборави да им објасни на граѓаните зошто е Груби привилегиран и ужива вакви поволности додека граѓаните молат за правда. Како сите институции се ставиле во погон за возило кое не е во негова сопственост и зошто толку важност се дава на случај ако не е мотивиран од криминални зделки?“,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Груби вчера го имаше првиот јавен настап по палењето на автомобилот што се случи ноќта помеѓу петокот и саботата и без колебање рече дека мотивот е политички. Сепак, тој не сакаше да каже во кого се сомнева туку остави институциите да го расветлат случајот заблагодарувајќи им се за нивниот ангажман.
Тој тврдеше и дека повеќе од три години нема лично приватно возило, а кога станал вицепремиер добил едно службено, па увидел дека не го користи тогашното „ауди“ што го поседувал и го продал.
Оттогаш, рече, кога и да му треба возило за приватни потреби, позајмувал од свои блиски. Едно од тие возила, кои не се негови, но ги користел, било „ауди А6“ кое беше запалено пред неговиот дом.