Вицепремиерот и министер за политички систем попладнево го имаше првиот јавен настап по опожарувањето на луксузното возило кое го користел, но и не било на негово име
На ТВ Канал 5 зборуваше и за мотивите за нападот но и за прашањето за потенцијално прикривање на имот, бидејќи возилото кое го користел Груби не било на негово име. Во својот имотен лист пред ДКСК, Артан Груби има декларирано само „Ситроен – Ксара“ од 2001 година
Мотивите за нападот се политички, а извршителите и нарачателите ќе се најдат многу, многу бргу. Накратко, ова се тезите на вицепремиерот и министер, Артан Груби, во однос на корпусот прашања за можните причини поради кои засега непознато лице или лица го запалија возилото што тој го користел и тоа пред неговиот дом.
Според Груби, охрабрување за нападот дале и опозицијата и одредени медиуми, кои со години вршеле вербално насилство над него. За делот од интервјуто за можните мотиви, истрагата и пораките од политичките сојузници и опоненти, можете да прочитатате ТУКА.
Редовите подолу се посветени на фактот што возилото кое го користел Груби не било на негово име. А не станува збор и за какво било возило, туку за „ауди А6″ од 2021 година. Луксузно возило чија цена на ново, во моментов, почнува од околу 60 000 евра.
Груби три години позајмува возила
Вицепремиерот и министер Артан Груби повеќе од три години нема лично приватно возило. Кога станал вицепремиер, добил службено возило (и тоа не едно), па увидел дека не го користи тогашното „ауди” што го поседувал и го продал за да не губи на вредноста.
Оттогаш, кога и да му треба возило за приватни потреби, Артан Груби позајмувал од свои блиски. Едно од тие возила, кои не се негови, но ги користел, било „ауди А6″ кое беше запалено пред неговиот дом.
„И тоа е евидентирано како приход (продажбата на претходното „ауди” н.з.), го продадов возилото и, во меѓувреме, за приватни потреби, сум ги користел возилата на моите браќа. Да не ги споменувам сега возилата бидејќи не би сакал некој да им наштети на нив. На мојот татко, којшто ја вози таа („ситроен” н.з.) „ксара“ која вие ја споменувате (која му е пријавена во ДКСК, н.з.), таа ја имаме дадено на мојот татко, живее до мене на 50 метри. Но, исто така, има други пријатели, вклучувајќи го и овој случај“,
изјави Артан Груби во интервјуто за Канал 5.
Вицепремиерот додаде и дека возилата од блиски и пријатели ги возел „со овластување, само за приватни цели“.
Како тогаш знаеле кое возило да го запалат?
На објаснувањето на Груби, дека „ауди А6″, кое го возел е само еден од многу автомобили што ги позајмувал, следуваше логично прашање од водителот на интервјуто, Гоце Михајловски – зошто тогаш напаѓачите го запалиле баш тоа, а не некои од другите возила што ги позајмувал.
Ова е одговорот на Груби:
„Го знам, многу добар другар ми е. Значи, не само он и други другари. И сите претпоставувале дека возилото е мое лично. И за среќа, за моја среќа, за нивна несреќа, ниту знаеле. Се случи пред мој стан. Како да се случи тука пред дворот на Канал 5. Кого ќе адресираат“,
рече Артан Груби.
Груби се дополни и дека го користел возилото пред десетина дена, за мала хируршка интервенција. Од тогаш било кај него пред зграда. Во текот на разгворот додаде и дека имал овластување за управување и на тоа возило и дека тоа „преживеало“ во пожарот.
„Да, имав договор за полномошно. За среќа, се спаси полномошното од пожарот, се уште го имам“,
изјави Артан Груби.
„Аудито” имало флешери, ама си ги ставил „газдата“
По ваквиот обид на вицепремиерот да објасни како било избрано тоа возило за да му испрати порака нему лично, Груби беше прашан – дали е точно дека на возилото имало флешери (светлечки и звучни уреди што ги користат возила на МВР и по исклучок службени возила на државниот врв)?
Груби одговори – „да“. Точно е дека „аудиото” на пријателот, кое тој само го користел, имало флешери, ама тие не биле ставени од МВР, туку пријателот си ги ставил сам, на своја рака. Сега, може и ќе одговарал за тоа.
„Имаше флешери и, за жал, имаше една операција од Министерството за внатрешни работи, секое трето-четврто возило или петто, да речеме, во Скопје или во државава си става флешери. Кажа човекот – да, даде исказ пред полицијата вечерта и дента.
– Значи сам си ги наместил флешерите?
Да, да. И ќе си сноси било каква одговорност по однос на тоа прашање било што да си има“,
одговори Груби.
„Аудито” не било толку скапо, а газдата е успешен бизнисмен
Во делот од интервју за сопственоста на запаленото возило, Артан Груби и самиот постави прашање до водителот – зошто би го криел возилото ако е негово? На тоа доби одговор, „па веројатно затоа што ќе треба да објасните од каде се 70 000 евра да го купите“. Тука настана дискусија колку е вистинската вредноста на возилото, па Груби објасни дека возилото кое само го позајмува, чинело многу помалку и посредно сугерираше дека е купено на старо.
„Епа, влезете, проверете си по плацовите за возила, на користени возила колку чинат. Апсолутно не е вистина тоа, прво. Второ, јас возам ‘ауди’ од 2008 година. И од 2008, па додека станав вицепремиер, имав четврто ‘ауди’, ако не се лажам, едно по друго“,
рече тој.
Малку подоцна во интервјуто се отвори и прашањето – дали пријателот на Груби може да го докаже потеклото на парите со кое го купил „аудито”. Вицепремиерот немаше сомнеж во тоа.
„Апсолутно. Станува збор за многу успешен бизнисмен со компанија со 30 години и со други работи коишто се занимава“,
изјави Груби.
Фирма со еден вработен и 4,2 милиони евра приход
„360 степени“ денеска го провери лицето кое е сопственик на возилото „ауди А6″ од 2021 година, а кое Груби тврди дека само го позајмувал. Од пред точно една недела или четири дена пред опожарувањето на „аудито“ што го користел вицепремиерот, компанијата со која се поврзува возилото, ја сменила адресата на своето седиште, а Беким Лимани (за кого МВР вели дека е сопственик на автомобилот и дека го пријавил инцидентот) станал единствен нејзин газда.
Фирмата „Еуро ком лајтинг“, со еден вработен, лани имала приходи од 4,2 милиони евра, а нејзина приоритетна дејност е „неспецијализирана трговија на големо“.
Подолу, прочитајте го целиот текст.