Раководството на ВМРО-ДПМНЕ вечерва по предлог на претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, го разреши од својот кабинет Томислав Димитровски, кој, како што посочи генералниот секретар на партијата Игор Јанушев, „е познат во јавноста по еден немил настан што се случи во изминатиот период“.
Димитровски, како што пред десетина дена објави „360 степени“, во кавга со сосед репетирал пушка, а потоа полицијата во неговиот дом пронајде поголемо количество оружје. Соработникот на Мицкоски е и поранешен амбасадор на земјава во Словенија и конзул во Солун.

Неговото разрешување го најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција два дена откако излезе сторијата за неговиот соработник.
„И покрај тоа што станува збор за човек кој го познавам од детството, човек кој навистина има квалитети и човечки, но и дипломатски, ова што се случило е без никакво оправдување и веќе на следната седница на Извршниот комитет ќе побарам негово разрешување од таму каде што се наоѓа во моментов“, рече Мицкоски.
Како што објавивме, случајот со Димитровски во полиција го пријавил соседот. Според пријавата, тие се скарале во ходникот од зградата, при што ексамбасадорот ја репетирал автоматската пушка, по што во домот на Димитровски биле пронајдени, меѓу другото, три пиштоли и три пушки и муниција.
Целиот текст за овој настан можете да го прочитате ТУКА.