Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање рече дека ќе побара разрешување на неговиот советник Томислав Димитровски кој беше беше пријавен од негов сосед дека при кавга му реперитал оружје.
„Ние не треба правдата да ја земаме во свои раце. Има органи во државата кои што треба таа правда, нормално, да ја реализираат. И, доколку некој се чувствува нападнат, навреден може да се јави и да побара заштита од Министерството за внатрешни работи. Така што, и покрај тоа што станува збор за човек кој што го познавам од детството, човек кој што навистина има квалитети и човечки, но и дипломатски, ова кое што се случило е без никакво оправдување и веќе на следната седница на Извршниот Комитет, ќе побарам негово разрешување од таму каде што се наоѓа во моментов“, рече Мицкоски на денешната прес конференција.
Како што објави „360 степени“, Димитровски кој е ексамбасадор во Словенија и ексконзул во Солун, пред три дена се скарал со сосед кој пријавил дека поранешниот амбасадор во ходникот од зградата кон него репетирал и автоматска пушка, по што во домот на Димитровски бил пронајден цел арсенал оружје – три пиштоли и три пушки и муниција.

Димитровски, според информациите кои ги објавил на неговиот Фејсбук профил, во моментов не извршува државна функција, туку напишал дека од јануари годинава е советник на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата за „360 степени“ потврдија дека е точно дека Димитровски е во кабинетот на Христијан Мицкоски, но посочуваат дека станува збор за приватен случај кој очекуваат надлежните институции да го разрешат.