Опозицијата побара Обвинителството да ги повика на распит братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, како и Стојан Чифлигароски, Горан Крстев, Лазе Велковски и Оливер Спасовски, но и да ја прибави целокупната документација за случајот. Од Обвинителството, пак, денеска рекоа дека надлежен обвинител постапува според она што е наведено во известувањето кое го добиле од МВР, а го повикаа Мицкоски да им достави докази доколку има измени во пријавата
ВМРО-ДПМНЕ денеска со прес-конференција пред просториите на Јавното обвинителство ја „освежи“ меморијата на шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, за случајот во кој тврди дека имало криминал со тендер во РЕК „Битола“.
За случајот вчера лидерот на партијата, Христијан Мицкоски, одржа брифинг со новинарите и излезе со информации дека во кривичната пријава од Бирото за јавна безбедност (БЈБ) при МВР биле направени измени – односно бил изваден делот каде што се споменува лице Вице Н., а реагираше и дека Обвинителството не постапува.
На денешната прес-конференција од опозицијата повторно ги изразија своите сомнежи за овој случај.
„До нас пристигнаа документи кои се сомнежи и индиции за огромен криминал со државни тендери во РЕК ‘Битола’ во времето на Васко Ковачевски, а укажуваат за притисок и закани врз бизнисмените Васко Василев и Јани Радивчев, сопственици на ’Рубитон‘, за да ја отстапат работата за ископ на јаловина која ја добиле на тендер во корист на ’СВ инвест‘ или да дадат 250 000 евра во кеш на Вице во хотел ’Вила парк‘ во Струмица. Целиот случај е пријавен во МВР, за што е изготвена и кривична пријава. Еве ја… но таа според нашите информации претрпела измени во ЈО или во МВР, и е изваден делот каде што се спомнува Вице. Кој, зошто и дали го направил тоа и фалсификувал јавна пријава треба да утврди ЈО, исто како што треба да се утврди одговорност за рекетарите. Бидејќи Русковска вели дека не е запознаена, еве шанса да се запознае и да ѝ ја освежиме меморијата. Впрочем, ова е тест за обвинителството“,
рече пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
Тој побара Обвинителството да ги повика на распит братот на премиерот Зоран Заев, Вице Заев, како и Стојан Чифлигароски, Горан Крстев, Лазе Велковски и Оливер Спасовски, но и да ја прибави целокупната документација за случајот.
Од Обвинителството, пак, денеска рекоа дека надлежен обвинител постапува според она што е наведено во известувањето кое го добиле од МВР, а го повикаа Мицкоски да им достави докази доколку има измени во пријавата.
„Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, како и во досегашната практика, нема да коментира изјави на лидери на политички партии или други институции. Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција постапува по Известувањето за кое покажувате интерес во онаа форма во која го добил во работа. Доколку некој поседува докази дека известувањето имало поинаква содржина при неговото изготвување, а потоа се направени содржински измени што би значеле извршување на кривично дело фалсификување, како и времето кога тоа е извршено, потребно е тие докази да ги достави до надлежното обвинителство“,
рекоа од Обвинителството.
Инаку, Лефков на денешниот прес го повтори она од вчерашниот брифинг во партијата дека според документите кои ги добиле, сагата и притисокот со цел изнуда на пари врз ’Рубитон‘ почнал при самото склучување на договорот со РЕК „Битола“ за ископ на јаглен во август 2018 година.
Повикувајќи се на документацијата, ВМРО-ДПМНЕ тврди дека по склучувањето на договорот, Васко Василев од „Рубикон“ добил повик од тогашниот директор на РЕК „Битола“, Васко Ковачевски, да се сретнат. На средбата, вели ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски побарал од Василев да отстапи 50% од работата на „СВ инвест“ на Стојан Чифлигаровски на што Василев одговорил дека согласно потпишаниот договор ваквото барање е недозволиво.
„Наредниот ден Василев добива повик од Ковачевски со барање на ‘СВ инвест’ да му отстапи 75% од работата. Откако Василев повторно одбил наредниот ден ги повикал сопствениците на ‘Рубитон’ – Василев и Радивчев на состанок во менувачницата ‘Саат кула’, сопственост на Стојан Чифлигаровски, газда на ’СВ инвест‘ со барање целосно да ја отстапат работата на ’СВ инвест‘ со надомест од 10 000 евра како трошок за тоа што учествувале на тендерот. По што сопствениците чувствувајќи огромен психолошки притисок рекле дека не им треба ништо, само сакаат правно да се раскине договорот без да одговараат. По оваа средба повторно се случува нова, сега веќе четврта, во хотелот ’Епинал‘ помеѓу Василев, Радивчев и Ковачевски и Чифлигаровски. На која средба сопствениците на ‘Рубитон’ му кажале на Ковачевски дека не постои можност за пренос на работата, на која тој им кажал да му дадат 250 000 евра во готово или да му ги однесат лично на Вице во Струмица. По што им го дал и бројот на Вице, стои и е наведено во овие документи кои ќе ги предадеме во Обвинителството“,
рече Лефков.
Василев, рече пратеникот повикувајќи се на сведочењето, организирал средба со Вице преку стар познајник од Струмица по што тие дошле на договореното место во хотел „Вила парк“ во Струмица, каде што Вице не дошол со образложение дека средбата била договорена за 9 вечерта, а не наутро.
„По ова сопствениците на ’Рубитон‘ си заминале, а врз нив почнал огромен притисок и терор. Како што стои наведено во документите, Василев добива порака од Вице: ‘Многу лош впечаток сте оставиле, недостапен си бил, а седиш во кафуле. Имам слики‘. По што следува и вибер-повик на кој, како што е наведено во овие документи, му било кажано: ’Ќе си ја тераш твојата работа, а ние нашата, па ќе видиме до каде ќе стигнеш‘. По овие пораки им следува цело сценарио кое, според Василев, завршува со раскинување на договорот и наплата на банкарската гаранција со што на ’Рубитон‘ ѝ е нанесена штета од 30 000 000 денари. По раскинување на договорот, РЕК ’Битола‘ пристапило кон склучување на договор со второрангираниот на јавниот повик – кој не прифатил, со третиот како што кажува Василев не било преговарано, па договор се склучува со четврто рангираната фирма ’СВ Инвест‘, со која е склучен договор во четири очи со непосредно преговарање“,
рече Лефков денеска потсетувајќи на партиските сознанија.
Инаку, вчера за случајот се огласија и од РЕК „Битола“, но и Вице Заев, кои ги демантираа ваквите наводи од ВМРО-ДПМНЕ.