Тој ги повика надлежните институции целосно да го испитаат случајот, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, да престане преку познајници да му упатува закани дека „живеел за да ми наштети“
Христијани Мицкоски е очигледно опседнат со мене, вели Вице Заев, брат на премиерот, кого некои медиуми го поврзаа со лицето Вице Н. кое денеска беше споменато на брифингот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ за афера во РЕК „Битола“.
Тој во изјава за „Фокус“ вели дека ништо од кажаното нема врска со реалноста, дека станува збор за лага и измислица.
„Мицкоски очигледно мисли дека со тоа што ќе прави конструкции за мое оцрнување ќе му кажат дека е врвен политичар. Ако има комплекси некој човек, ако е опседнат со мене, не може тоа да биде мој проблем. Нема ништо вистина во ова што го зборува Мицкоски, затоа се крие зад брифинзи, се плаши од тужба. Да имаше бриферот Мицковски некаков доказ ќе го приложеше, ама нема. И самиот вели барале средба, а не се случила“,
вели Заев за „Фокус“ коментирајќи ги обвинувањата дека изнудил 250 000 евра од компанија од Битола која добила тендер за ископ на јаглен од РЕК „Битола“.
Тој ги повика надлежните институции целосно да го испитаат случајот, а лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, како што вели, да престане преку познајници да му упатува закани дека „живеел за да ми наштети“.
Иако ниту во документите ниту Мицкоски на брифингот не го спомена името на Вице Заев, туку Вице Н. од Струмица, од ВМРО-ДПМНЕ реагираа на изјавата на Заев.
„Јавноста виде дека рекетираните пари завршувале во струмичкиот хотел за кој одамна говоревме. Јавноста виде дека биле вршени притисоци врз компании директно од страна на семејството Заеви. Јавноста виде дека биле правени промени и фалсификати на изјави на оштетените странки од страна на обвинителството и МВР. На крајот на краиштата со овој случај се потврдува исказот даден пред суд дека сите рекетирани пари треба да се бараат кај Зоран и Вице Заев“,
се вели во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.
Реагираа и од СДСМ.
„Не му е првпат на опседнатиот Мицкоски да изнесува лаги, невистини, конструкции за семејството на претседателот Заев. Но, тоа зборува за состојбата во којашто Мицкоски се наоѓа. Може Мицкоски уште 100 пати да се обидува со измислени афери да ги лепи своите манири и манирите на Груевски на актуелната власт, ама лагата не му фаќа корен“,
велат од СДСМ во писменото соопштение.
Претходно, и од АД ЕСМ и РЕК „Битола“ ги демантираа изнесени обвинувања од опозицијата. Велат станува збор за истите што веќе ги демантирале во 2019 и 2020 година.
ВМРО-ДПМНЕ денеска преку брифинг на Мицкоски обвини за случај на висока корупција поврзан со тендер за ископ на јаглен во РЕК „Битола“ кој бил пријавен во МВР, но за кој сѐ уште не се преземени какви било мерки.