Од партијата на Мицкоски велат оти договорите со меѓународните партнери се внимателно планирани и анализирани со цел долгорочни придобивки за државата
ВМРО-ДПМНЕ ги отфрли како целосно неосновани и неточни обвинувањата на СДСМ оти заемот од половина милијарда евра кој денеска начелно го договориле македонскиот и унгарскиот премиер Христијан Мицкоски и Виктор Орбан, е коцкање со државните интереси и оти е склучен под неповолни услови.

Од партијата на Мицкоски велат оти договорите со меѓународните партнери се внимателно планирани и анализирани со цел долгорочни придобивки за државата.
„Ние се задолжуваме под многу поволни услови, секогаш водејќи сметка за интересите на граѓаните и државата. За разлика од времето кога СДСМ беше на власт и кога каматните стапки беа прекумерно високи, ние постигнавме значително подобри услови за задолжување. СДСМ, додека беше власт ја задолжуваше и ја ограбуваше државата со камати поголеми од 7 проценти Тие немаат право да зборуваат за финансиска политика кога нивната неспособност ја доведе државата до финансиски крах. Ние напорно работиме да го стабилизираме финансискиот систем и да ја вратиме довербата на меѓународните финансиски институции“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Додаваат оти сите одлуки и договори на Владата се носат согласно законските процедури и Уставот, за разлика од, како што велат, праксата на СДСМ кога се носеа одлуки на нетранспарентен начин и без консултации.
„Обвинувањата на СДСМ за ‘султански’ методи се крајно непристојни и целосно неточни. Владата, за разлика од порано, цврсто се залага за транспарентност и отчетност во секој свој потег. СДСМ ја остави државата на колена, без јасни и транспарентни процедури и сега немаат апсолутно никакво морално право да ни држат лекции за тоа како се води државата. СДСМ нема право да зборува за економски прашања кога токму нивната политика доведе до финансиски колапс и задушување на економскиот развој на нашата држава“,
додаваат од партијата.
Претходно денеска опозицискиот СДСМ обвини оти премиерот Христијан Мицкоски лаже кога вели дека понудата за заем од половина милијарда евра од Унгарија е најповолна што може да ја добие македонското стопанство. Оттаму посочија оти кредитите од меѓународните финансиски институции се далеку поповолни од позајмицата која ја нуди Унгарија, а токму, како што велат, екскурзијата во која влегува Мицкоски може сериозно да ја загрози соработката на земјава со институции како Светска Банка и Меѓународен монетарен фонд.