Зошто не каже дека во моментов државата е корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по подобри услови, односно каматна стапка од 1,6 отсто со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години и дополнителни 100 милиони со 3,5%? Зошто ја лажеа јавноста тој и министерката за финансии Кочоска дека кредитот ќе биде со камата под 3 проценти и како тоа таа дојде до 3,25 проценти – прашуваат од опозициската партија
Откако премиерот Христијан Мицкоски објави дека на маргините на НАТО-самитот во Вашингтон договорил позајмица од половина милијарда евра со премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, со реакција се јавија од опозициската СДСМ обвинувајќи дека зад договорот склучен во четири очи лежат политички интереси.

Каква улога, прашуваат од опозициската партија, има Никола Груевски во оваа зделка.
„Конечно е јасно зошто Мицкоски и неговите соработници секој викенд беа во Будимпешта на консултации кај азилантот Груевски. Новата Влада има обврска да ѝ одговори на јавноста каде се 500 милиони, кои недостасуваат за ветената една милијарда евра? Дали можеби Груевски му ги држи на Мицкоски резервирани како гаранција дека нема да го напушти зацртаниот курс? Граѓаните многу брзо се соочуваат со предизборните измами на ова ВМРО-ДПМНЕ кое докажува дека ‘волкот го менува крзното, но карактерот никогаш’“,
се вели во реакцијата на СДСМ.
Со оценка оти Мицкоски ги прокоцкал државните интереси со склучувањето на, како што велат, т.н. стратешки економски договор со Орбан, од СДСМ прашуваат „дали е ова цената за чувањето под закрила на Груевски“.
Од партијата укажуваат и на тоа дека кредитите од меѓународните финансиски институции се далеку поповолни од позајмицата која ја нуди Унгарија, а токму, како што велат, екскурзијата во која влегува Мицкоски може сериозно да ја загрози соработката на земјава со институции како Светска Банка и Меѓународен монетарен фонд.
„Зошто Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ ја лажат јавноста дека ова е најповолен кредит кој може да го добие стопанството? Зошто не каже дека во моментов државата е корисник на кредит од 150 милиони евра од Европската банка за развој по подобри услови, односно каматна стапка од 1,6 отсто со грејс период од 24 месеци и рок на отплата од 12 години и дополнителни 100 милиони со 3,5? Зошто ја лажеа јавноста тој и министерката за финансии Кочовска дека кредитот ќе биде со камата под 3 проценти и како тоа таа дојде до 3,25 проценти? Што се крие зад покачувањето на каматната стапка? Дали најавата на министерката за финансии дека овие средства ќе се користат за капитални инвестиции, а имајќи предвид дека патот Кичево-Охрид може да се финансира само со кинески средства, овие пари всушност не доаѓаат од Кина“,
велат од СДСМ.
Крајно, велат од партијата, целата постапка за задолжување е најавена во услови кога нема ниту владина одлука, ниту, пак, посебен закон за задолжување во Собранието.
Премиерот Мицкоски, во видеообраќање по средбата со Орбан, рече дека условите под кои ќе се случи позајмицата се: камата од 3,25 проценти, три години грејс период, и 12 години рок на отплата.
„Овие 500 милиони евра ќе бидат употребени на следниот начин – 250 милиони евра директна поддршка за македонската економија под истите услови – 3,25 проценти камата, три години грејс период, 12 години рок на отплата или вкупно 15 години. Македонската економија ќе добие услови коишто досега не можела да ги добие на економскиот и финансискиот пазар, а 250 милиони евра ќе бидат наменети за капитални проекти коишто ќе бидат изведени во општините и ќе бидат исклучиво наменети за потребите на граѓаните“,
рече Мицкоски.