ВМРО-ДПМНЕ повторно обвинува дека нема доволно опрема за заштита на здравствените работници од ковид-19 и дека и таа што ја има, не е на потребното ниво за безбедност.
Д-р Игор Николов, кој е член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, на својот Фејсбук-профил обвини дека медицинскиот персонал сам се снаоѓа и си бара опрема за заштита од коронавирусот.
„Прашајте ги министре колегите кои што прегледуваат во амбулантите: Дали имаат маска N95? Зошто сами си ја набавиле N95, доколку ја има во болницата каде што работат? Министре, пластичните заштитни очила сите сами си ги купувавме од продавниците кои што продаваат опрема за заварување. Визирите кои што ги имаме ги изработија и поделија младите специјализанти и нивната добронамерна организација. Високи каљачи нема вo ниту една здравствена институција во земјава! Интернет-просторот е преплавен со барања и молби од здравствени работници кои бараат маски и заштитни ракавици“,
вели Николов.
Тој вели дека скафандери за прегледување на пациенти со потврден ковид-19 се покажуваат само пред инспекторите на Државниот здравствен инспекторат кој, како што вели, дава извештаи дека има доволно опрема, но не кажува дали таа опрема воопшто се користи или е само урнек.
Николов ја повика директорката на ДСЗИ и Филипче да одат во матичните амбуланти или регионални болници за ковид-19 како болницата во Битола и да се обидат тие да прегледаат пациент со таа опрема.
„Да дојдете и да прегледувате пациенти со опремата што ја поседуваат колегите. Дојдете и заедно со здравствените работници од Брза помош и со нивната опрема транспортирајте пациент кој е суспектен за ковид до некоја болница. Само така министре ќе имате вистински увид на состојбата. Се другото ќе остане само декларација и објавување по медиумите“,
напиша Николов на својот профил на Фејсбук.