ВМРО-ДПМНЕ реагира на укинувањето на домашниот притвор на Зоран Милески-Кичеец за предметот „Рекет“, кој како гаранција понудил недвижен имот во вредност од околу 240 000 евра.
На прес-конференција во партиското седиште, портпаролот Наум Стоилковски одлуката за укинување на куќниот притвор ја оцени како политичка и прстот го впери во функционерите од власта.
„Во саботата, за време на најдолгиот полициски час во земјава, Рускоска го пушти на слобода Зоран Милески-Кичеец, за кој цела јавност виде како носи торба со изрекетирани 1,5 милиони евра, заедно со Боки 13. Додека граѓаните гледаат да го спасат сопственото здравје, Заев и Спасовски го спасуваат Кичеец. Случајот со милионски рекет, зад кој повеќе од јасно е дека се крие некој од врхушката на власта застана кај Кичеец, Боки 13 и Катица Јанева“,
порача Стоилковски.
Од ВМРО-ДПМНЕ обвинуваат дека власта на овој начин сакала да се оддолжи за примерниот однос на обвинетите.
„Зоран Заев, кој беше директно посочуван дека знаел за случајот, остана не допрен. Дали зад ова ослободување на Кичеец се крие лично Зоран Заев? И дали Рускоска по диктат на Заев го ослободи Кичеец!? Сите инволвирани во криминалите на власта треба да знаат дека прекршувањата на закон за време на вонредна состојба се исто така кривично дело, за кое еден ден ќе треба да се одговара“,
изјави Стоилковски.
Поврзани вести:
По понудена гаранција од околу 240 000 евра, укинат куќниот притвор на Кичеец во „Рекет“
ВМРО-ДПМНЕ: Паниката од коронавирусот се користи за ослободување на инволвираните во „Рекет“