„Немавме зголемена фреквенција во спомнатиот период од 5 до 9 часот. Очигледно граѓаните беа информирани, па почнаа да доаѓаат по девет часот. Во тој период возила периодично се пропуштаа од грчка страна“, велат за МИА од ГП „Дојран“
Нормализиран е сообраќајот на граничните премини со Грција откако грчките цариници утринава штрајкуваа четири часа. По завршување на штрајкот, од Граничниот премин „Дојран“ информираат дека сообраќајот продолжува да се одвива со 15-минутно чекање од македонска и 30-минутно чекање од грчка страна. Велат дека штрајкот не создал проблеми бидејќи граѓаните кои биле навреме информирани го одложиле патувањето.

„Немавме зголемена фреквенција во спомнатиот период од 5 до 9 часот. Очигледно граѓаните беа информирани, па почнаа да доаѓаат по девет часот. Во тој период возила периодично се пропуштаа од грчка страна“,
велат од ГП „Дојран“ во изјава за МИА.
Според информациите на МВР, на ГП „Дојран“ од вчера до денес напладне во земјава влегле 1 523 македонски државјани, а излегле 210 македонски државјани. Бројот на странски државјани кои во истиот период влегле во нашата држава изнесува 1 386, а излез оствариле 1 824 лица. На Граничниот премин „Богородица“, пак, во истиот период во земјава влегле 4 511 македонски државјани, а излез оствариле 3 953 македонски државјани. Во однос на странските државјани, во истиот период во земјава влегле 7 462 лица, а излез оствариле 8 154 лица.
Штрајкот на грчките цариници ги опфати трите гранични премини на Грција со С Македонија и траеше четири часа – од 5 до 9 часот по македонско, односно од 6 до 10 часот по грчко време. Во тој период, патничките возила се пропуштаа на секои десет минути, а товарниот сообраќај беше во целосен прекин за влез и излез од Грција.
