На гласањето му претходеше расправа, во која пратениците од мнозинството го бранеа ставот дека ребалансот е насочен кон економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии, додека опозиционерите обвинија дека предложениот ребаланс не е насочен кон продуктивен развој, не е развоен ниту социјален
Со 64 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“, пратениците попладнево го усвоија дополнетиот предлог-ребаланс на Буџетот за 2026 година. На гласањето му претходеше расправа, во која пратениците од владејачкото мнозинство го бранеа ставот дека ребалансот е насочен кон економска стабилност, развој и одговорно управување со јавните финансии. Oпозиционерите обвинија дека предложениот ребаланс не е насочен кон продуктивен развој, не е развоен и социјален, посочувајќи дека на граѓаните не им требаат пароли туку резултати.

На собраниската седница на која го образложи дополнетиот предлог-ребаланс на буџетот за 2026 година, министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска порача дека обврска на Владата и ресорното министерство е навремено да реагираат и да ги усогласат буџетските проекции со реалните економски движења.
„Макроекономските и фискалните остварувања во првата половина од годината, условени од надворешните случувања ја наметнаа потребата од ревидирање на иницијалните проекции на буџетот со цел да се обезбедат дополнителни средства за сервисирање на најприоритетните обврски произлезени од потпишаните колективни договори, повеќе средства за земјоделството, за социјалната заштита, општините и повеќе средства за капитални расходи. Со предложените измени ги усогласуваме макроекономските претпоставки и фискалните проекции, пред сè на расходната страна на Буџетот“,
порача министерката за финансии.
Ребалансот на Буџетот, додаде Димитриеска-Кочоска, е одговор на променетите економски околности и инструмент за усогласување на јавните финансии со реалните потреби на економијата, институциите и граѓаните.
Со ребалансот на Буџетот вкупните приходи се ревидираат на 379,5 милијарди денари, што е зголемување од 1,2 проценти во однос на иницијалниот Буџет. Вкупните расходи се ревидираат на 425,8 милијарди денари или повеќе за 2,8 отсто од првичните проекции, а буџетскиот дефицит е проектираниот на 46,3 милијарди денари или 4,1 отсто од Бруто-домашниот производ. Со ребалансот се обезбедуваат и 5,8 милијарди денари повеќе средства за капитални инвестици и се проектирани на ниво од 46 милијарди денари што е 14,3 отсто повеќе во споредба со иницијалниот буџет.
