Опозиционерите бараат да се објави институтот кој го изготвил и потпишал извештајот со анализите за водата во Гостивар, како и по кои параметри е утврдено дека водата е безбедно да се користи како техничка
Откако надлежните денеска објавија дека водата во Гостивар е прочистена од фекалии и може да се користи како техничка, односно за надворешна употреба, опозицискиот СДСМ реагира дека на увид до граѓаните сè уште не е доставен официјален документ и извештај со анализите за водата од гостиварскиот водовод.

Опозиционерите бараат да се објави институтот кој го изготвил и потпишал извештајот со анализите за водата во Гостивар, како и по кои параметри е утврдено дека водата е безбедно да се користи како техничка.
„Додека чекаме таков документ, во Маврово водата привремено не е за пиење поради ‘превентивно чистење’ на мрежата, а во Крушево е заматена и микробиолошки неисправна зашто уредот за хлорирање еден час немал струја. А одговорни – нема. Министерот за полиција и хиперхлоризација држи прес-конференции за вода. Градоначалници пуштаат дронови. Мицкоски најавува ‘техничка вода’. А граѓаните сè уште чекаат еден едноставен документ со официјални анализи, со потпис и печат. Додека не видиме кој го потпишал извештајот дека водата е техничка и исправна за капење – нема одговорно лице. Како и секогаш“,
коментираат од СДСМ.
Реакцијата на опозицискиот СДСМ следува откако претходно денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски соопшти дека по повеќекратни испитувања, добиена е потврда од експертите дека водата од гостиварскиот водовод може е прочистена од фекалии и може да се користи како техничка, но не и за пиење.
