Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Мицкоски наскоро ќе излезе со формулација за референдумот и очекуваат шефот на државата да го поддржи. Од СДСМ, пак, велат дека со референдум опозицијата единствено го манипулира своето членство и за Мицкоски велат дека е изолиран и единствен партнер му е проруската Левица на Апасиев
Власта и опозицијата преку соопштенија и денеска продолжија со меѓусебните прозивки и спротивставени ставови за референдумот во однос на преговарачката рамка за ЕУ. ВМРО-ДПМНЕ го повика претседателот Стево Пендаровски заедно да повикаат на референдум, додека за СДСМ ова изјаснување што го најавува опозициската партија е само за внатрешна употреба на опозициската партија и спас на фотелјата на Мицкоски.
„Ако Пендаровски е за референдум, ајде да повикаме заедно соочување со народот. Референдумот е највисока форма на демократијата во едно општество, и најдобар начин да се слушне ставот на народот. Добро е да се чуе дека Пендаровски е на иста линија со претседателот Мицкоски, и дека размислува да поддржи референдум. Наскоро претседателот Мицкоски ќе излезе со формулацијата и очекуваме Пендаровски да го поддржи и повика на поддршка од сите политички партии“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Референдумот, повторуваат и денеска од опозицијата, мора да им даде право на граѓаните да одлучат дали сакаат вака асимилирани, бугаризирани, под диктат да имаат европска иднина, или пак горди, достоинствени да влезат во ЕУ кога за тоа ќе се создадат услови во блиска иднина да имаме европска иднина.
Владејачката партија, пак, вели дека ВМРО-ДПМНЕ со барањто за референдум ја спасува функцијата на Мицкоски и манипулира со своето членство.
„Имаа шанса пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието да учествуваат во усвојувањето на Заклучоците по европскиот предлог за почеток на преговорите, но тие три дена ширеа лажни вести, викаа, свиреа, се закануваа и на крајот избегаа од собраниската сала и не собраа сили ниту да гласаат ’против‘. Идејата на Мицкоски за референдум нема поддршка ниту кај коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, ниту кај останатите опозициски партии. Таквото барање за референдум за кое Мицкоски не ја знае ниту формата ниту прашањето е единствено со цел да го манипулира членството на партијата откако му пропаднаа сите обиди да ја закочи и дестабилизира државата“,
велат од СДСМ.
Според социјалдемократите, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ е осамен и изолиран, а негов единствен партнер е проруската Левица предводена од Димитар Апасиев.
Денешните соопштенија следуваат откако претходно претседателот Стево Пендаровски во интервју за неделникот „Фокус“ даде предлог за референдумско прашање порачувајќи ѝ на опозицијата дека треба да излезе со чесна формулација на прашањето, а на останатите партии дека во таков случај не треба да го бојкотираат евентуалниот референдум.
„Колку што разбирам, прашањето нема да биде за уставните промени, туку ќе биде за билатералниот договор со Бугарија и зошто тој влегува внатре. Ако некој не разбира дека овој билатерален договор, а и со Грција, се оската по која ние продолжуваме кон Европа, и сака тоа да го нема, почесно е референдумското прашање да гласи: „Дали сакате да одите во ЕУ под вакви услови?“. Без спомнување договори, точки … Опозицијата треба да излезе со чесна формулација и ако е такво прашањето, сите партии треба да излезат на референдум, а не да бојкотираат“,
рече Пендаровски за „Фокус“.
По ваквата изјава, пак, Мицкоски вчера рече дека е пријатно изненаден од ставот на претседателот односно од тоа што по подолго време се на иста бранова должина.
„Морам да признаам дека после подолго време за прв пат можеби сме на иста бранова должина со Пендаровски, во таа насока и јас размислувам да излезам со формулација на прашањето пред Извршниот комитет, но и пред граѓаните. Но и очекувам Пендаровски потоа да ги повика и останатите политички партии во Македонија доколку таа биде суштината на прашањето и да излезат на референдум“,
изјави вчера Мицкоски.