Оттаму велат оти покрај исплатените пари, во извештајот од Државниот завод за ревизија се предупредува и на сериозен ризик од губење на 61 милион евра европски грант поради нереализираната железничка инфраструктура

Државата платила 4,6 милиони евра провизии за неповлечени средства додека проектот за железничкиот Коридор 8 со години стои незавршен, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ повикувајќи се на наодите од Државниот завод за ревизија (ДЗР). Според владејачката партија, ревизорите утврдиле крајно неефикасно управување со стратешките инфраструктурни проекти за време на мандатот на СДСМ и ДУИ бидејќи првата и втората фаза од железницата воопшто не се завршени, а роковите се целосно пробиени, со што наместо модерна инфраструктура, граѓаните добиле само милионски трошоци и нови државни долгови.
„ДЗР констатирал неефикасно управување, a дополнително предупредил и ризик од губење на 61 милион евра европски грант за третата фаза на железничкиот Коридор 8. Кој е одговорен за овие пропусти? Кој дозволил државата да плаќа милиони евра провизии? И кој ќе одговара ако со нечие постапување или непостапување е нанесена штета на државниот буџет?“,
прашуваат од владејачката партија.
Токму поради ваквите наоди, од ВМРО-ДПМНЕ побараа од Јавното обвинителство веднаш да отвори истрага и да постапи по констатациите на ДЗР, велејќи оти е потребно детално да се испитаат сите донесени одлуки, потпишани договори и спроведени постапки, со цел да се лоцираат одговорните лица и да се утврди дали постои основа за кривична одговорност.
„СДС и ДУИ не можат да се кријат и да молчат додека граѓаните ја плаќаат сметката за нивното катастрофално владеење во минатото. 4,6 милиони евра провизии, години доцнење незавршена железница и ризик за европски средства. Тоа е наследството од СДС и ДУИ“,
заклучуваат оттаму.
