Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека најостро го осудуваат демолирањето на македонскиот клуб во Благоевград и додаваат дека вандализмот не е добрососедство и не може да биде.
„Негирањето на Македонија, но и на Македонците во соседството е пред сè резултат на поданичкиот однос на власта која го дозволи и мотивира тој однос. Сега Ковачевски и Пендаровски на дело гледаат кај ги донесоа државата и македонскиот народ“,
велат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ потенцираат дека народот не смее да биде жртва на власта и затоа бараат промени. Велат дека е потребна власт која ќе се грижи за народот.
„Упатуваме апел и до Бугарија и до меѓународните институции во таа земја што побрзо да се откријат вандалите, да се казнат и да се запре со говорот на омраза против Македонците“,
стои во партиската реакција.
Инаку, македoнскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград беше каменуван синоќа, а настанот во полиција бил пријавен околу 21:40 часот.