Во своите обраќања, копретседателите на партијата, Биљал Касами и Изет Меџити, оценија дека Основачкото собрание претставува значајна етапа во процесот на обединување и зајакнување на партијата
Новоформираната политичка партија Влен денеска во Тетово одржа Основачко собрание, со што, како што порачаа оттаму, се заокружива процесот на нејзина консолидација како единствен политички субјект.

Собранието, како што се вели во партиското соопштение, е продолжение на Конгресот на обединувањето и важен чекор во организациското зајакнување на партијата.
На настанот присуствуваа делегати, активисти, функционери и поддржувачи, а се потврдени единството на структурите и заложбите за натамошно политичко дејствување.
Во своите обраќања, копретседателите на партијата, Биљал Касами и Изет Меџити, оценија дека Основачкото собрание претставува значајна етапа во процесот на обединување и зајакнување на партијата.
Касами посочи дека денеска се прави уште еден важен чекор на патот на обединувањето и консолидацијата на Влен.
Меџити порача дека Основачкото собрание го претставува следниот чекор кон консолидацијата и зајакнувањето на Влен како политички субјект на Албанците во државата.
Потпретседателката на Влен, Мимоза Муса рече дека партијата се определила за обединување и за политики насочени кон интересите на граѓаните.
Со Основачкото собрание партијата влегува во нова фаза на политичко организирање, со засилена структура и амбиција за поголемо присуство на централно и локално ниво.
