За своите наоѓаа начин, а проблемите на Албанците ги оставаа нерешени, реагираат од Влен
Прашањето со полагањето на правосудниот испит на албански јазик го решаваме темелно, велат од Влен од каде што дополнуваат и дека сите професионални испити ќе можат да се полагаат и на албански јазик.
Оттаму ја обвинуваат ДУИ за политички калкулации во време кога, како што велат од партијата, студентите имаат проблем.
„Министерството за правда премина од еден кадар на ДУИ кај друг. По Блерим Беџети, кој беше министер повеќе од 1 000 дена, дојде Аднан Јашари. Имаше мандат, имаше надлежности, имаше печат. Единствено немаше волја за албанските студенти. Тоа беше занаетот на ДУИ. За Албанците чекање, за своите предност. За студентите ‘ќе видиме’, но кога стануваше збор за нивниот круг, системот веднаш се ставаше во функција. Токму во времето на Аднан Јашари, синот на Талат Џафери го положил правосудниот испит, иако сѐ уште немал дипломирано. Значи, за албанските студенти немаше решение на албански јазик, додека за синот на функционер на ДУИ системот функционирал. Затоа Аднан Јашари треба да одговори зошто не го реши прашањето за правосудниот испит на албански јазик додека беше министер за правда.“,
велат од Влен.
Студентите Албанци со протестни маршеви од април годинава бараат да им се овозможи да го полагаат правосуден испит на албански јазик. Тие обвинуваат за неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
Протестите беа причина за премиерот Христијан Мицкоски да седне на маса со копретседателите на Влен токму за ова прашање.
На средбата е заклучено дека институциите веќе активно работат на модел кој ќе биде целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, а насочен кон обезбедување правна сигурност и функционалност на системот.
Средбата се случи откако претходно Меџити и Касами на своите фејсбук-профили објавија дека испитот за правосудство наскоро ќе се полага на албански јазик.
„Влен ова прашање го решава темелно. Правосудниот испит на албански јазик е само почеток. Сите професионални испити ќе можат да се полагаат и на албански јазик. Албанците повеќе не сакаат врева. Сакаат решенија, а решението доаѓа“,
велат од Влен.
