„Станува збор за монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските прашања. Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси“, коментира ексминистерот за земјоделство, шумарство и водостопанство откако минатата недела бил повикан на разговор во полиција
Со монтиран случај власта се обидува да го оттргне вниманието од вистинските прашања и да ја покрие сопствената неспособност и криминал – коментира во објава на Фејсбук пратеникот и ексминистер за земјоделство од СДСМ, Љупчо Николовски, откако МВР потврди дека тој минатата недела бил повикан на разговор во полиција.

„Еден монтиран случај. Толку му требаше на актуелното раководство за да се обиде да ја покрие сопствената неспособност и криминал и тоа напаѓајќи ја најуспешната реформа во земјоделството. Не станува збор за прекршување на Законот за јавни набавки, ниту за пријава од земјоделци. Станува збор за монтиран случај кој треба да го оттргне вниманието од вистинските прашања. Криминалот не се покрива со монтирани случаи. Неспособноста не се крие со напади врз туѓите успеси. Кога Владата не може да се справи со вистинските проблеми, се вклучува пропагандната машинерија за дефокус“,
пишува Николовски во фејсбук-објавата.
Ова, според ексминистерот, се случува во момент на големо незадоволство кај земјоделците поради, како што вели, доцнењето на субвенциите, ниските откупни цени, поништувањето на повиците за рурален развој.
„Сакам директно да им се обратам на луѓето зад бројките, зошто за оваа Влада тоа се само бројки, а за мене се лица и семејства: На над 270 нови семејни винарии кои ги отворивме заедно. На лозарите кои конечно престанаа да го продаваат родот за бесмислени цени и почнаа сами да произведуваат вино со свое име и своја етикета. На над 4 000 мали производители на храна кои денес легално, од куќен праг, ја продаваат својата работа. На производителите на околу 1 000 нови етикети македонско вино што го има секаде низ светот. На семејствата во руралните средини чии деца останаа во своето село, наместо да заминат. Тоа е реформата за која ме напаѓаат. Зошто токму сега? Затоа што наместо реформи имаме: осудена советничка на министерот во ИПАРД скандалот, уапсен директор на Платежната агенција, фатен на дело со пари, уапсен директор на Земјоделскиот инспекторат, мито од по 50 000 и 100 000 евра, блокирани ИПАРД фондови, доцнат субвенции, поништени повици“,
додава ексминистерот за земјоделство.
Претходно денеска од МВР потврдија дека Николовски на 7 мај бил повикан на полициски разговор. Оттаму не наведоа дополнителни детали, освен дека ексминистерот бил на разговор во Единицата за економски криминал и корупција во СВР Скопје, по претходна наредба од Обвинителството.
