Не стивнуваат партиските реакции за изградбата на коридорите. Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека власта прави историска кражба и оти патиштата ќе ги градат странски работници без работни дозволи и регулиран престој. Од владејачкиот СДСМ, пак, велат дека тоа се невистини. За нив, ВМРО-ДПМНЕ е симбол на провизии од кинеските патишта и тврдат дека опозицијата постојано се противи на секој важен стратегиски проект во државата
ВМРО-ДПМНЕ обвинува за, како што велат оттаму, историската кражба што ја прави власта со изградба на коридорите.
Оттаму тврдат дека премиерот Димитар Ковачевски јавно признал дека 70 отсто од работниците на Коридорот 8 ќе се увезат од странство и дека ќе можат да работат во Македонија без работни дозволи и без дозволи за престој.
„Наместо повеќе пари за македонските работници и компаниите, парите ќе се одлеваат за работници од странство, тоа е историска кражба во вредност од милиони. Ковачевски и Груби го кријат договорот, затоа што сè што потпишале е спротивно од тоа што тие го тврдеа. Наместо 51 отсто македонски работници, како што велеа Ковачевски и Груби, ќе имаме 70 проценти странски работници. Ковачевски и Груби прифатиле и во случај на спор да не важи македонското право туку правото на Англија и Велс“,
велат од ВМРО-ДПМНЕ и порачаа Владата да не го крие договорот оти изградбата на Коридорот 8 ја плаќаат граѓаните.
Вчера и потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, објави дека од вкупниот број работници што ќе учествуваат во изградбата на автопатите на коридорите 8 и 10-д само 30 отсто ќе бидат домашни, а преостанатите 70 проценти ќе бидат работници од странство.
Од СДСМ велат дека ВМРО-ДПМНЕ намерно пласира невистини, а според нив Николоски е докажан извор на лажни вести.
„Законот е јасен и ги демантира лагите на Николоски и ВМРО-ДПМНЕ. Законот за утврдување на јавен интерес за номинирање стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 и Коридор 10 е донесен во 2021 година и јасно ја регулира обврската на стратешкиот партнер за ангажирање најмалку 51% домашни работници, како и обврската странските работници да ги имаат потребните дозволи за престој и работа. Во ВМРО-ДПМНЕ ништо не се менува. Партијата која е симбол на провизии од кинеските патишта, симбол за криминал и корупција со нелегално стекнат имот врз грбот на граѓаните, постојано се противи на секој важен стратешки проект во државата“,
реагираат од СДСМ.