Документи доставени до редакцијата на „360 степени“ покажуваат дека задолженијата од Владата, одлуките за набавки, договорите и самите настани се случиле во период од четири дена и дека за еднодневните активности на 14 јули се потрошени околу 244 илјади евра
Во период кога е актуелна темата за организацијата, процедурите и трошоците за прославата на 35-годишнината од независноста, на адреса на редакцијата на „360 степени“ пристигнаа документи за организирањето на прославата по повод поканата за почеток на пристапните преговори со НАТО во јули 2018 година. Испраќачот не се идентификуваше.
Станува збор за извадок од заклучоци од владина седница, одлуки за набавки, договор и расходна евиденција. Според нив, задолженијата и одлуките биле донесени четири дена пред настаните, дел од постапките биле почнати истиот ден кога се донесени заклучоците од Владата, а договорот за техничката опрема бил потпишан еден ден пред настаните. Наведените расходи за прославите во 15 града изнесуваат околу 15 милиони денари, односно приближно 244 илјади евра.

„360 степени“ се обиде независно да ја провери веродостојноста на доставените документи. Сите заклучоци од извадокот содржински се совпаѓаат со јавно достапниот записник од 78. седница на Владата, одржана на 10 јули 2018 г. На „Опен фајненс“, пак, може да се потврдат трансакциите кон агенцијата „Артпицк“, како и кон компаниите „Дуна” и „Пасворд продакшн”, со износи што се совпаѓаат со ставките за изведувачите наведени во расходната евиденција што ни беше доставена.
На 10 јули задолженија, на 14 јули прослави
Според записникот, тогашната влада предводена од СДСМ и ДУИ на 10 јули одлучила на 14 јули 2018 година да организира централна прослава во Скопје и настани во уште 14 градови. Одлуката била донесена во пресрет на самитот на НАТО на 11 и 12 јули и очекуваната покана за членство.
За организацијата бил формиран одбор составен од националниот координатор за култура и двајца советници во премиерскиот кабинет. Тие добиле задолженија да ги определат уметниците и водителите, да подготват сценарија и да предвидат присуство на владини делегации во градовите.
Генералниот секретаријат на Владата бил задолжен да спроведе набавка за агенција за логистичка организација, а генералниот секретар Драги Рашковски да го потпише договорот „во најкус можен рок“ по одлуката на комисија. Исто такво задолжение Рашковски добил и за набавка поврзана со бините, осветлувањето и озвучувањето.
Одлуките за набавки се од истиот ден како и владината седница
Двете доставени одлуки за набавки го носат истиот датум како и владината седница – 10 јули 2018 г. Едната предвидува изнајмување и ракување со аудио и видеоопрема, со проценета вредност до 70 илјади евра без ДДВ. Другата се однесува на организација, со проценета вредност до 40 илјади евра без ДДВ.

Во доставениот договор со „Дуна“ е наведено дека и техничката документација за набавката е од 10 јули, а понудата од 11 јули. Договорот бил потпишан на 13 јули, еден ден пред прославите, за 4 923 850 денари со ДДВ, односно околу 80 илјади евра.
За „Пасворд продакшн“, расходната евиденција наведува фактура од 2 541 425 денари, околу 41 300 евра, за организација на настанот. Договор со оваа компанија нема меѓу доставените документи.
Проверката на „Отворени финансии“ ги потврди исплатите кон двете компании во 2018 г., во износи идентични со наведените во доставената документација.
Хронологијата покажува дека клучните одлуки и договорни чекори биле направени во тесен временски интервал од вкупно четири дена.
Околу 250 илјади евра за настани во еден ден
Во расходната табела се наведени 46 ставки за музичари и уметници, во вкупен износ од 7 531 092 денари или околу 122 500 евра. Меѓу примерите се 899 438 денари за електронски музичар и продуцент, 553 500 денари за фронтмен на рок-група и 207 563 денари за саксофонист.

На „Опен фајненс“ најдовме 45 трансакции од Владата кон „Артпицк“ со износи што се совпаѓаат со 45 ставки од табелата. Осум се од 13 јули 2018 г., во вкупен износ од 3 570 078 денари, а 37 се од 1 август, во износ од 3 916 014 денари. Заедно изнесуваат 7 486 092 денари.
Преостанатата ставка од 45 илјади денари не може еднозначно да се поврзе со конкретна трансакција, бидејќи во базата има повеќе исплати со тој износ. „Опен фајненс“ ги потврдува трансферите кон агенцијата, но не ги наведува поединечните изведувачи.
Кога ќе се соберат наведените расходи за изведувачите, техничката опрема, организацијата и медицинско обезбедување, прославите на 14 јули 2018 г. чинеле околу 15 милиони денари, односно 244 илјади евра, според доставената евиденција.
Актуелната прослава – околу 5,5 милиони евра
Дебатата за годинашното одбележување на независноста се однесува и на висината на трошоците и на начинот на кој бил избран организаторот. По серија новинарски прашања во изминатиот период, владината портпаролка Марија Митева на 10 септември соопшти дека вкупната финансиска конструкција изнесува 340 милиони денари, односно околу 5,5 милиони евра. Од нив, 300 милиони денари биле обезбедени од нераспределената добивка на Државна лотарија од 2024 година, а останатите 40 милиони од компании што ги поддржале настаните.
Претходниот ден премиерот Христијан Мицкоски изјави дека прославите го чинеле државниот буџет „нула денари“ и дека биле финансирани од општествено одговорни компании. Објаснувањето што следуваше покажа дека главниот финансиер е компанија во целосна државна сопственост. Владата и раководството на Државна лотарија инсистираат на разлика меѓу средства на компанијата и пари од државниот буџет.
Според БИРН, Владата на 28 април ја задолжила Лотарија за реализацијата, по што бил распишан повик за спонзорирани настани, со рок од пет работни дена за понуди. Митева потврди дека пристигнала една понуда — од „Стардаст“ ДООЕЛ Скопје, правниот субјект преку кој во постапката настапува „Авалон интернешнл букинг“.
Опозицискиот СДСМ ги оспори постапката и образложението за потеклото на парите, барајќи објавување на договорите и на целокупната документација. Според директорот на Државна лотарија, Александар Климовски, организаторот има рок до 30 септември да достави извештај за реализацијата и финансиски преглед. Годинашната програма опфати настани во август и септември, меѓу кои настапите на Хозе Карерас и Дејвид Гета.
