За луксузниот хотел кој го гради Мијалков молчат градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, Инспекторатот за животната средина, Управата за заштита на културното наследство и премиерот Мицкоски, потенцира Левица

„Дивелоп груп“ на Сашо Мијалков периодов интензивно врши градежни активности на крајбрежјето на Охридското Езеро, во локалитетот познат како Горица 3, а власта молчи за ова дивеење, реагира Левица.
Оттаму реагираат дека освен што историјата на овој луксузен хотел е контроверзна, за неговите потреби е уништена и опожарена шума стара 70 години, додека виновниците за пожарот никогаш не беа лоцирани.
„Скандалозно е што овој хотел се гради во критична зона, за која и во Планот за управување со Охридскиот Регион е нотирано дека треба да се сопре каква било урбанизација, сѐ додека не се усвојат сите плански документи за заштита на природните реткости, кои постојано се под напад од спрегата урбанистичка мафија-власт“,
се вели во реакцијата на партијата Левица.
Партијата тврди дека за овој хотел никогаш не било изготвено Решение по елаборат за животна средина – документ без кој не е возможно воопшто да се издаде одобрение за градба.
„Но, за луксузниот хотел на Мијалкови молчи градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, чиј цел мандат го одработи единствено за интересите на неколку локални моќници во бизнисот со градежништвото. Молчи Инспекторатот за животната средина, молчи Управата за заштита на културно наследство, додека секојдневно премиерот Мицкоски најавува дека одговорност мора да има за сите“,
реагира Левица.
Оттаму јавно го прашуваат претседателот на Владата дали ќе има одговорност за Сашо Мијалков, кој, велат тие, своето богатство го наталожи за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, а амнестијата ја доби под закрила на СДСМ.
„Се работи за флагрантно дивеење и кршење на законите, каде Мијалков се стекна со 15 000 квадрати државно земјиште на една од најатрактивните локации во Охрид, додека, пак, скандалозно донесен урбанистички план воопшто не е ревидиран од аспект на неговата усогласеност со Планот за управување со природното и културното наследство на Охридскиот Регион“,
пишува во соопштението на Левица.
Тие сметаат дека градоначалникот Пецаков, за да ги задоволи бизнис-интересите на поранешните функционери на ДПМНЕ, не ја реализира својата законска обврска за изменување на урбанистичкиот план на Горица 3, со што де факто можел да го спречи беззаконието кое во континуитет го деградира охридското крајбрежје.