Предлог-законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер експресно помина во собраниската Комисија за финансирање и буџет. Предлагачи се четворица пратеници, меѓу кои Кастриот Реџепи од БЕСА и Сурија Рашиди од Алијанса за Албанците кои велат дека се воделе од јавниот интерес – што побрзо да започне изградбата на автопатските делници. Претседателот на Комисијата, Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ вели дека опозицијата е за изградба на автопати, но забелешките околу самиот закон, ќе ги соопштат на пленарна седница
Намерата на власта да се гради во директни преговори со само една фирма, без тендер, беше мета на критика и од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Тие изразуваат загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на Република Северна Македонија договара изградба на крупен инфраструктурен проект
Специјалниот закон со кој треба да се даде зелено светло за американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ без тендер да ги гради коридорите 8 и 10, денеска по брза постапка помина во собраниската Комисија за финансирање и буџет и следната фаза е тој да се гласа на пленарна седница. Предлог – законот го поднесоа четворица пратеници – Јован Митрески (СДСМ), Арбр Адеми (ДУИ), Кастриот Реџепи (БЕСА) и Сурија Рашиди (Алијанса за Албанците).
Пратеникот од партијата на Зијадин Села, Сурија Рашиди, не гледа проблем што и тој како претставник на опозицијата е еден од предлагачите на законот, кој е под жестоки критики на невладиниот сектор и на Антикорупциската комисија. Вели, се водел од јавниот интерес.
„Ние како партија стоиме зад овој закон, а се одлучивме од причината што неспорно е дека автопатските делници треба да се градат. Се работи за паневропски проект. Ние како партија секогаш се залагавме да се гради Коридорот 8 бидејќи сметаме дека тој би придонел на развојот на државата. Што се однесува до изборот, се работи за фирма- лидер на Балканот, тоа е една од гаранциите дека нема да се случат несакани работи“,
вели Рашиди за „360 степени“.

И пратеникот Кастриот Реџепи од БЕСА вели дека се одлучиле на ваков чекор за што побрзо да се почне со изградба.
„За побрзо да влезе во процедура, важни се сегментите, за општо добро се делниците, за подобра комуникација со регионот. Се работи за планирање, проектирање кое ќе тече транспаретно. Овој конзорциум е американско – турски, не верувам дека ќе има проблеми“,
вели Реџепи.

Од останатите двајца пратеници – потписници, Јован Митрески од СДСМ не беше во можност да даде изјава од оправдани причини, додека Арбр Адеми од ДУИ не одговори на нашите повици. Пратеникот Тимчо Муцунски од ВМРО-ДПМНЕ, кој впрочем е и претседател на Комисијата за финансирање и буџет, вели дека ВМРО-ДПМНЕ е за изградба на автопати, но, имаат извесни забелешки околу самиот закон. Забелешките, опозициската партија ќе ги изнесе на пленарна седница, вели Муцунски.
Владата кон крајот на март соопшти дека потпишале Меморандум за соработка со „Бехтел и Енка“ за тие целосно да ги проектираат и изградат коридорите 8 и 10. Конзорциумот нуди „клуч на рака“, односно и проектирање и изведба на автопатите Тетово-Гостивар-Букојчани, Требеништа-Струга-Ќафасан и Прилеп-Битола.
Три месеци подоцна, пратениците поднесуваат предлог – закон, во кој меѓу другото стои и дека Владата како инвеститор ќе треба да се осигура дека релевантните државни и локални власти постапуваат на итен и забрзан начин за да ја овозможат експропријацијата и сите други релевантни активности во врска со спроведувањето на проектот. Стратешкиот партнер – „Бехтел и Енка“, може да ја преземе улогата на менаџирање и координација при изборот и назначувањето на трети страни за подготовка на проектната документација.
„Стратешкиот партнер е ослободен од каква било одговорност која произлегува или е во врска со услугите/работите извршени од страна на проектантите, а договорите склучени помеѓу стратешкиот партнер и проектантите ќе му бидат пренесени на инвеститорот. На стратешкиот партнер ќе му се овозможи владение врз експроприраниот имот веднаш штом одлуката за експропријација стане конечна, без потреба истата да стане правосилна“,
стои во предлог-законот.
На „Бехтел и Енка“ ќе им се овозможи да спроведат „уникатен процес на изградба на проектот преку брза метода на планирање, изведба и изградба“, се вели во предлог-законот. Конзорциумот има обврска да ги обезбеди сите релевантни локални лиценци неопходни за извршување на проектантските и градежни работи и за обезбедување на услугите, секоја по потреба.
„Релевантните локални власти ќе му помогнат на стратешкиот партнер во однос на сите прашања кои се релевантни за спроведувањето на проектот на итен и забрзан начин, вклучително и обезбедување на потребните комунални услуги (како што се вода, снабдување со електрична енергија, и сл.) за имплементација на проектот. Кога и да биде потребно да се одобрат плановите за управување на сообраќајот за рехабилитација на постоечките делници, таквите одобренија ќе се издаваат без непотребни одлагања. На стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да ги користи своите лаборатории за тестирање после калибрација на опремата за лабораториско тестирање врз основа на овој закон. Исто така, на стратешкиот партнер ќе му биде дозволено да увезува и да користи материјали или производи за извршување на работите од проектот, без таквите материјали или производи да бидат локално сертифицирани во Северна Македонија, под услов тие материјали или производи да се сертифицирани во согласност со Европските стандарди (ENs) за употреба на автопати или имаат издаден CE сертификат“,
стои во предлог-законот.
Но, претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска во изјава за Телма веќе реагираше дека доколку Собранието го изгласа законот, тие ќе го оспорат пред Уставен суд. Таа прашува зошто Владата не е подносител на законот и зошто не е во редовна постапка. Реагира што нема образложение и како е избран токму овој конзорциум за стратешки партнер.
„Тоа се закони со високи ризици од корупција и му укажуваме на Собранието да не го прифаќа понатаму како таков. Доколку се донесе ваков закон, ќе го дадеме на Уставен суд“,
кажа Ивановска за Телма.
Директните преговори со само една фирма жестоко го критикуваа од Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата. Тие изразуваат загриженост од ниското ниво на транспарентност на процесот со кој Владата на Република Северна Македонија ја договара изградба на крупен инфраструктурен проект. Тие не гледаат оправданост за склучување на директен договор за реализација на инфраструктурни проекти, без да се примени Законот за јавни набавки.
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски пак, во гостување на емисијата „360 степени“, го бранеше владиниот потег и најавуваше широка дебата.
„Апсолутно имаме право како Влада да размислуваме на сите можни начини за изградба на патишта. Притоа, недозволиво е да се влезе во постапки, во преговарање во четири очи, затоа што овде ќе бидат вклучени многу институции, многу експерти, консултантски компании, меѓународни реномирани компании, кои ќе работат на креирање, најпрвин на закон, а потоа и на договор и тие двата треба потоа да завршат во Собранието, каде што повторно ќе се отворат пред пратениците, пред опозицијата, ќе се разговара со сите страни и апсолутно нема да има ништо скриено“,
кажа Бочварски во гостување на „360 степени“.
Македонија веќе има искуство со директно договарање на изградба на автопати, без тендер. Откако Владата се договори, Собранието во 2013 година изгласа посебен закон за изградба на автопатите Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид.
Партнер, тогаш, беше кинески „Синохидро“. Миладиновци-Штип веќе е пуштен, а актуелната власт успеа да ја намали цената за чинење од 226, на 176 милиони евра, велат од Министерството за транспорт. Автопатот Кичево-Охрид, кој требаше да биде готов во 2018 година за цена од 411 милиони евра, во 2021 или три години подоцна, уште се гради, а цената веќе достигна 598 милиони евра или 45 отсто плус од планираното. Случајот заврши со обвинение против тогашниот премиер Никола Груевски, вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот Миле Јанакиески и тогашниот директор на јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски. Четворицата се гонат за штета на буџетот од 155 милиони евра. Куртули Никола Груевски бидејќи делото што му се става на товар – застари.
Дополнително, овој предмет ќе добие нов судија, со што процесот формално ќе треба да почне од почеток.