Судскиот совет го разреши судијата Горан Бошевски од Основниот кривичен суд во Скопје, јави Алсат ТВ. Судскиот совет со десет гласа „за“ одлучил дека тој повеќе не треба да дели правда.
Од Судскиот совет објавија соопштение за денешната седница, во кое без да споделат име наведуваат дека судијата е разрешен поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција. Тој е и времено е оддалечен од вршење на судиската функција односно до правосилност на одлуката од Советот.
Бошевски досега го водеше предметот „Траекторија“, кој го отвори СЈО, а се однесува на изградбата на автопатиштата Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид. Во овој предмет
Судењето трае повеќе од три години, а меѓу обвинетите во овој предмет се експремиерот Никола Груевски, поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски, ексминистерот Миле Јанакиески и бившиот директор на ЈП за државни патишта, Љупчо Георгиевски.
Меѓутоа, во овој предмет, на Груевски му застаре делото за кое се товареше – примање награда за противзаконито влијание.
Останатите тројца во случајот се обвинети за злоупотреба на службената положба и овластување.
Разрешувањето на Бошевски значи дека овој предмет ќе добие нов судија, со што процесот формално ќе треба да почне од почеток.
Исто така, од познатите предмети, Бошевски како втор судија досега беше дел и од судечкиот совет за случајот „Талир 1“, кој се однесува на финансирањето на ВМРО-ДПМНЕ.
Избор на претседатели на судии и огласи за судии во Врховен, Апелација
Покрај разрешувањето на Бошевски, на дневен ред на денешната седница биле повеќе точки, меѓу кои и избор на претседатели на повеќе основни судии. На чело на судот во Гостивар ќе застане Елјеса Алији, во Дебар Мерсим Марку, во Гевгелија Марица Аврамчева-Зафирова, Лилјана Додевска во Свети Николе. Кандидатот за претседател на судот во Виница, пак, не го добил потребното мнозинство.
Судскиот совет донесе одлука да се распишат и огласи за избор на: четворица судии во Врховен (двајца кривичари и двајца судии од граѓанска материја), осум судии за Апелацискиот суд во Скопје (4 кривичари и 4 за граѓанска материја), двајца судии за кривична материја во Апелацискиот суд во Гостивар, еден судија за Основниот кривичен суд во Скопје и еден за штипскиот Основен суд.