Членството овозможува поголема меѓународна доверба во македонските институции, побрза размена на информации, пристап до експертиза и подобра координација при превенција, откривање и справување со сајбер-напади

Владиниот центар за одговор на сајбер-инциденти MKD-GOV-CSIRT е официјално примен како полноправен член на FIRST (Forum of Incident Response and Security Teams), глобална меѓународна мрежа на тимови за одговор на компјутерски безбедносни инциденти.
Приемот е прифатен од Бордот на директори на FIRST, со што се потврдува напредокот на Македонија во областа на сајбер-безбедноста и нејзината посветеност кон градење посилен, професионален и европски систем за сајбер-отпорност.
Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека овој успех е директен резултат на развојот на домашните човечки и инфраструктурни капацитети во рамките на Министерството и Секторот за сајбер-безбедност, а со стручна и техничка поддршка од партнерите од Соединетите Американски Држави и Европската Унија.
Членството, како што вели Андоновски, овозможува поголема меѓународна доверба во македонските институции, побрза размена на информации, пристап до експертиза и подобра координација при превенција, откривање и справување со сајбер-напади.
Со овој чекор, вели Андоновски, земјата предвреме реализира уште една важна обврска од Реформската агенда, за која крајниот рок е 30 јуни 2026 година и со тоа се создаваат услови за отклучување на нови финансиски средства од Планот за раст на Европската Унија.
Од Министерството за дигитална трансформација велат дека продолжуваат со инвестирање во капацитетите на службите за одговор на сајбер-инциденти, со цел заштита на владините институции и испорака на безбедни дигитални услуги за граѓаните и компаниите.
